Македонската влада чека поинаков предлог од Макрон

Ковачевски, Рама и Вучиќ/Фото: МИА

Францускиот предлог спорното прашање не го стави во документот како финално решение, го стави во заграда,што значи дека тоа не е конечен предлогот на француското претседателство.Затоа не можам да кажам дека ние документот не го прифативме. Ние не го прифативме тој дел кој што е спорен за нас, објасни министеротза надворешни работи Бујар Османи

Ако француското претседателство со Европската Унија даде нов, поинаков предлог, ќе бидеме подготвени да го разгледаме и да видиме дали нашите црвени линии се внесени и задоволени за да можеме да разговараме.

Ова е ставот што ги искажа вицепремиерот за евроинтеграции во македонската Влада, Бојан Маричиќ, откако бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство. Во петокот, бугарското собрание го прифати предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Министеротза надворешни работи Бујар Османи, пак,во емисијата „10 минути“ на ТВ21 рече дека францускиот предлог е решение кое е прифатливо за нас, доколку се најде решение за спорното прашање со протоколите.

– Францускиот предлог, спорниот елемент, спорното прашање не го стави во документот како финално решение, го стави во заграда. Што значи дека тоа не е конечен предлог на француското претседателство, затоа не можам да кажам дека ние документот не го прифативме. Ние не го прифативме тој дел кој што е спорен за нас – објасни Османи.

Можно до крајот на јуни и да не се добие нов предлог

Османи додаде дека е можно до крајот на јуни, кога завршувафранцуското претседателство со ЕУ и да не се добие нов предлог.

– Не можам во овој момент да кажам дали ќе има решение, важно е доколку го има тоа да биде достоинствено за нашите граѓани.Ние рековме дека можеме да прифатиме компромис во однос на етнички права, зашто тука ние сме најмоќни, но историските прашања не треба да бидат дел од Преговарачката рамка. Не може Протокол да има без наша согласност и не може да има решение за кое било историски прашање без согласност на нашите седум члена во историската комисија – нагласи министерот.

Француското претседателство беше многу внимателно да не стави ништо од сензитивните прашања, не верувам дека нема да пратат нов предлог без да се консултираат, вели Османи, кој е во постојана комуникација со Франција и Бугарија за да се види како евентуално да се дојде до решение.

– Мислам дека доколку има политичка волја, навистина има добри решенија. И ние може да се закотвиме на нашите позиции, да кажеме дека не прифаќамевакво решение. Или ако Бугарите кажат дека не го прифаќаат, тогаш се знае што понатаму – заклучи тој.

Според актуелниот предлог, македонскиот јазик е еден од 25-те јазици на ЕУ и како таков станува дел од преговарачката рамка, изјави Османи.

-Според она што сега го има како предлог, македонскиот јазик останува еден од 25-те јазици на ЕУ без никакви квалификативи, додавки и толкувања. Ние нема дозволиме и нема основ Бугарија тоа да го оспори, бидејќи станува дел од преговарачката рамка, а преговарачката рамка е основниот документ што го дефинира процесот, а потоа е основа за потпишување на договорот за членство – рече Османи за „360 степени“.

Министерот истакна дека имало обид за хибридни напади.

– Луѓе од државата се јавувале кај министри и политички партии и министри, со лажни информации за да се обидат да ја нарушат оваа стратегија – рече Османи откако објасни дека молкот како стратегија го одбрале за да не се наруши процесот.

Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ / Утрински брифинг

Николоски: Освоена територија

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на Сител телевизија истакна дека францускиот предлог е катастрофа за државата и народот, и тој требал да се офрли уште првиот пат кога бил и објавен како таков.

– Мене ме изненади што воопшто стигнавме како држава до предлог, а уште повеќе ме изненади што предлогот не беше одбиен првиот ден кога проциркулира во јавноста. Затоа што доколку сериозен беше односот кон државата, прво не смееше Владата да дозволи воопшто да се стигне до таков предлог затоа што, да не се лажеме, од самиот старт биле вклучени во разговорите и во преговорите со бугарската страна со посредство на француското претседателство. А, второ, кога веќе се стигна до таков предлог, требаше да се отфрли уште првиот ден – истакна Николоски.

Николоски додаде дека предлогот Бугарија го смета како освоена територија. И Бугарија сега нема да си дозволи да седне и да разговара за ништо помалку од она што веќе го има на маса, а тоа што го има на маса е катастрофа за Македонија и македонскиот народ.

ВМРО – Народна партија, пак, смета дека со одлуката на бугарскиот парламент со кој се поддржа францускиот предлог и даде согласност да се тргне ветото кон Северна Македонија, не само што се отвора патот на европската интеграција на државата, туку и дефакто ја поништува претходната одлука на бугарскиот парламент на која беше донесена познатата рамковна позиција за Македонија.

Нота поради транспарентите „Македонија е Бугарија“

Европската Унија и Бугарија не го осудија, а македонското Министерството за надворешни работи врачи вербална нота до бугарското МНР истакнувањето на транспарентите со текст „Македонија е Бугарија” кои пратениците на политичката партија „Преродба“ од Бугарија ги истакнаа во Народното собрание во Софија

МНР најостро ги осуди натписите, посочувајќи дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.

– Таквите пораки се противни на европските демократски вредности, но и противни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот – наведува МНР.

Едвард Џозеф, познавач на приликите на Балканот/Фото: МИА

Едвард Џозеф:Бајден не смее да дозволи Бугарија да ѝ се сили на С Македонија

Претседателот Џо Бајден не може да дозволи меѓу сојузнички од НАТО, една членка да „ѝ се сили” и да малтретира друга затоа што е поголема или, како што е во случајот со Бугарија и Северна Македонија, затоа што е членка на ЕУ, оти тоа проблем и на НАТО, е коментарот на професорот од САД и експерт за Балканот, Едвард Џозеф.

– Идентитетот на луѓето е поврзан со идентитетот на државата, со напредокот на државата, со внатрешната стабилност и добрите односи меѓу Македонците и Албанците, што е наш интерес. Интерес на Владимир Путин се поделбите и конфликтите. Поделба меѓу Бугарите и Македонците, поделби меѓу Албанците и Македонците, меѓу Србите и Косовците. Интересот на САД е да се запре сето тоа, почнувајќи со афирмација во официјална пишана форма на македонскиот идентитет – вели Џозеф за ТВ Клан.

 

 

Видео на денот