81 отсто од хоспитализираните се невакцинирани, надлежните повикуваат на вакцинација

Вакцинација во Северна Македонија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Моментално, активни се 15 228 ковид-случаи во државава од кои најголем број 8333 се во Скопје. Според извештаите од болниците, моментно со ковид-19 се хоспитализирани 340 лица, a од нив 81 отсто не се вакцинирани, додека 19 проценти се вакцинирани. Во исто време, 78 отсто од починатите лица од ковид-19 биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина, покажува анализата објавена од Министерството за здравство за вакцинирани од позитивните случаи со ковид-19 во период од 6 август 2021 година до 13 јануари 2022 година.

Изминативе неколку недели, како што се истакнува, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден во една установа.

Во период од 6.8.2021 до 13.1.2022 година на територија на државата како позитивни на ковид-19 се тестирани 85 593 граѓанин, од кои 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно 32 079 лица. Според статистиката за изминативе месеци, 53 514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Анализата на Министерството покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.

Во период од 6.8.2021 до 13.1.2022 година 78 отсто од починатите лица со ковид-19, биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, посочуваат од Министерство и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на ковид-19.

Досега во земјата се направени вкупно 1 692 991 тестирања на ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 241 651, бројот на оздравени пациенти е 218 340, на починати е 8083.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот