80% од гласачите во САД се решиле за кого ќе гласаат пред септември
Демократската кандидатка и потпретседател Камала Харис и републиканскиот поранешен претседател Доналд Трамп, кои со месеци се вмешани во немилосрдна битка за гласови, остануваат поделени за 1,2 отсто во корист на Харис според најновите анкети во понеделникот. Но, тоа водство е во рамките на маргината на грешка.
Во меѓувреме, Европа и остатокот од светот остануваат во тензија бидејќи резултатот од гласањето може да доведе до протести и правни предизвици слични на последиците од гласањето пред четири години.
Пребројување на гласовите во Милвоки (Висконсин)
Околу 31.000 гласачки ливчиња ќе бидат преброени во главниот град на Висконсин поради неисправните машини за пресметување гласови, објави Milwaukee Sentinel Journal, цитирајќи го портпаролот на градот Џеф Флеминг.
Флеминг вели дека пребројувањето на гласовите се спроведува со голема претпазливост.
Каролина Рајнвалд, портпарол на Изборната комисија на Милвоки вели дека вратите на машините за табелирање не биле добро затворени, и настанал проблем во пресметувањето, па поради тоа мора да се пребројуваат над 30.000 ливчиња.
Во меѓувреме, CNN објави анкета која покажува дека 80% од гласачите во САД избрале кандидат уште пред септември.
Оваа бројка е доста значајна со оглед на тоа што Камала Харис влезе во трката дури во август, по изненадувачкото повлекување на претседателот Џо Бајден. Дотогаш, за потпретседателката многу гласачи рекоа дека не знаат која е таа или за што се залага.
Во меѓувреме, 7% од анкетираните гласачи велат дека одлучиле во септември, 6% во октомври, 3% во последната недела и 3% во последните неколку дена.
Првите држави на кои треба да се внимава какви резултати ќе донесат: Џорџија и Северна Каролина
За 47-от претседател на Соединетите држави ќе одлучуваат седум држави кои се вртат меѓу демократите и републиканците со секој изборен циклус: Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Северна Каролина, Џорџија, Аризона и Невада.
Првите знаци за тоа како се одвиваат работите ќе дојдат од Северна Каролина и Џорџија, каде официјалните лица веќе почнаа да ги бројат гласачките ливчиња по пошта, што значително го забрзува процесот. Тоа значи дека до полноќ (6 часот по средноевропско време) може да се има голем дел од резултатите. Сепак, тоа не мора да значи дека САД веднаш ќе добие нов претседател, или детално ќе се покаже за кој од двајцата кандидати гласале повеќе граѓани: Ако разликата меѓу нив е многу тесна, како што се случи во 2020 година, можеби ќе треба да чекаме подолго додека резултатот не биде конечен.
Но, дури и да ја немаме целосната слика, трендовите во двете држави можат да дадат солидна индикација за тоа како се одвиваат работите за Харис и Трамп. Во 2020 година, Северна Каролина гласаше за републиканец, додека Џорџија, во неочекуван пресврт, гласаше за демократ.