8 дена притвор за возачот кој ја предизвика страшната сообраќајка на обиколница

Фото: Слободен Печат

За тешката сообраќајна несреќа на Северната обиколница, во која загина полицаец и совозач во автомобилот БМВ од Гостивар, а две лица беа повредени, обвинителството го сомничи возачот на камионот.

Поведена е постапка од страна на Основното јавно обвинителство Скопје против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 од Кривичниот законик.

Осомничениот управувал со товарно моторно возило МАН со скопски регистарски таблички на 21.06.2019 година, по автопатот Скопје-Тетово-Обиколница на Град Скопје. Кога дошол пред надвозникот Визбегово, не се движел по средината на сообраќајна лента и не ја приспособил брзината на условите на патот и на густината на сообраќајот.

Токму поради тие причини не можел навреме да го запре камионот и удрил во задниот лев дел на автомобил БМВ 535 со гостиварски таблички, кој во тој момент бил запрен во десната сообраќајна лента од страна на мобилна сообраќајна полициска екипа заради рутинска контрола.

Од силата на ударот, патничкото моторно возило БМВ се придвижило нанапред и удрило во паркираниот полициски автомобил Шкода Јети и во метална одбојна ограда покрај патот. Автомобилот БМВ се запалил, при што сопатникот во возилото се здобил со изгореници и починал на лице место.

Полициското возило исто така се придвижило нанапред и удрило во пешаците – возачот на автомобилот БМВ кој бил излезен надвор од својот автомобил и двајца полициски службеници.Тројцата се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Еден од полициските службеници подоцна им подлегнал на повредите здобиени во сообраќајната несреќа.

Сметајќи дека се исполнети законските основи и дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице. На претходна постапка судијата го прифати предлогот и на лицето му определи притвор во траење од осум дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот