Загадениот воздух во 2019 година убил 3.400 луѓе во Северна Македонија

Загаден воздух во Скопје
Загаден воздух во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Повеќе од половината од над 300.000 предвремени смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот во Европа во 2019 година ќе биле избегнати доколку се почитувале новите препораки за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација, заклучува Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во извештајот објавен во понеделникот.

Новите препораки на СЗО за заштита од аерозагадувањето се објавени оваа година, и ниту една земја во Европа се уште не ги имплементирала. Но, доколку тоа се случи во наредниот период, може драматично да се намали смртноста поради лошиот воздух.

Тоа особено се однесува на Балканот, каде со години наназад се бележат рекордни нивоа на загаденост на воздухот, особено во зимските месеци. Во Србија, Бугарија, Грција, Албанија и БиХ, предвремената смртност поради загадениот воздух би се намалила за, во просек, над 70 проценти.

Конкретно во Северна Македонија, почитувањето на новите препораки би ја намалило смртноста од загадениот воздух за огромни 74 проценти.

Опасно загадување

Според проценките на ЕЕА, во 2019 година во Северна Македонија 3400 луѓе починале како резултат на загаденост на воздухот со ПМ2,5 честички; 120 луѓе како резултат на загадување со азотен диоксид; и 90 поради загаденост на воздухот со озон.

Доколку земјата почне да ги спроведува новите препораки на Светската здравствена организација за ограничување на аеро-загадувањето со ПМ2,5 честички на ниво на 5 микрограми на кубен метар во текот на годината, проценката е дека би биле спасени 2500 прерано загубени животи.

На ниво на ЕУ, ПМ2,5 честичките се ограничени на 25мг, но се прават напори таа граница да се спушти на под 20. СЗО, пак, досега препорачуваше дека нивото на овие честички не смее да надмине 10мг, а од годинава препорачува дополнително спуштање на 5мг.

За споредба, во понеделникот (15.11) во 14 часот, во центарот на Скопје беа измерени 38мг ПМ2,5 честички, во Битола нешто помалку-36, во Куманово-44, во Охрид- 27, а во Тетово 64 микрограми на кубен метар. Во многу други градови низ земјата, присуството на ПМ2,5 честички воопшто не се мери.

Загадувањето на воздухот е најголемиот еколошки ризик фактор за здравјето на луѓето во Европа. Загадувањето може да доведе до срцеви заболувања и мозочен удар- главните причини за прерана смрт, како и болести на белите дробови и рак на белите дробови.

Целиот извештај можете да го прочитате на следниот линк.

Преземено од Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот