700 предвремено родени бебиња годишно се борат за живот на Гинекологија

На Клиниката за гинекологија и акушерство годишно се раѓаат околу 5.000 бебиња, од кои околу 700 се предвреме родени. Предвреме родени се сметаат сите бебиња кои се родени пред 37 гестациска недела.

– Соодветно на неделата, колку порано едно бебе ја напушта мајчината утроба и се раѓа, толку е понезрело и има поголема потреба од поддршка од страна на медицинскиот тим, и за жал ризиците со кои се соочува се поголеми. Можам да кажам дека со напредувањето на неонатологијата и со промените кои се случуваат секаде во светот, па и кај нас во однос на осовременување на негата, користење на нови технологии, апарати и процедури, границата на гестациска старост од која можеме да претпоставиме дека едно бебе ќе преживее се симнува се подолу и подолу. Она што пред 10 години се сметало за многу ризично новородено со висок ризик од смртен исход, сега може да се води низ неколку месечно лекување и да си оди дома со родителите. Ризиците се се уште тука, нема сигурна формула со која може да се гарантира успех и детство без компликации и последици, но работите постепено се подобруваат, а значаен дел од овие бебиња ги стигнуваат своите врсници до 2-3 годишна возраст и понатаму имаат нормално детство – вели педијатарот Денис Ал Кхалили, кој е дел од тимот на Клиниката за гинекологија.

Некои од бебњата на одделението за интензивно лекување се задржуваат 1-2 недели. Вообичаено се тоа бебиња кои се родени со поголема гестациска возраст. Оние кои се раѓаат мали, под 1.000 грама, на оддел престојуваат по 2-3 месеци.

– Текот на лекувањето е тежок, бара голем број интервенции, многу лекови, инфузии, понекогаш бара приклучување на апарат за дишење или таканаречена механичка вентилација. Секој миг е борба, секој час и ден се неизвесност, бидејќи овие мали бебиња се многу нежни слаби, ранливи, со исклучително тенка кожа и без оформени одбранбени имунолошки механизми. Целиот пат за некои бебиња е полесен и побрз, па подолго време се чека да ја постигнат бараната тежина за да си одат дома. Други, пак, во текот на лекувањето имаат бројни подеми и падови, кризи со кои мора да се избориме и доколку ги победиме, повторно доаѓаме до еден стабилен период во кој бебето е веќе позрело, посилно и се подготвува за да си оди дома кај своите родители. Во тек на оваа борба, некои бебиња и не успеваме да ги одржиме во живот, за несреќа на родителите и за нас, бидејќи секое загубено бебе е голема загуба. За среќа, во изминатата година бројот на ваквите случаи е значително намален и се надеваме дека во иднина ќе ги достигнеме европските земји, од кои некои имаат и најниска стапка на смрност во светот – објаснува Ал Кхалили.

Голем удел во преживувањето има тежината и гестациската возраст на раѓање, колку бебето е зрело и колку поддршка ќе му биде потребна. Но тоа не е секогаш така, понекогаш и поголеми бебиња бараат поголема нега, а некои помали може да се извлечат полесно. За преживувањето играат улога и факторите кои влијаеле на организмот на бебето и пред породувањето, што на некој начин се рефлектира на она што медицинскиот тим го презема, но и на успешноста на самите мерки и на ефектот кој го имаат кај тоа конкретно бебето. За преживувањето голема улога има и третманот веднаш по породувањето, одржувањето на соодветна температура, навремена реакција доколку бебето има проблеми со дишењето, давање на одредени лекови, спроведување на рана дијагностика, рано воведување на парентерална исхрана (преку инфузија). За преживувањето голема улога има и менаџирањето на мајката пред породувањето, соодветните лекови и одредување на соодветниот момент кога бебето треба да се породи, како средна вредност меѓу одржување на бременоста што е можно подолго, но пред да се наштети на мајката и на бебето.

Д-р Ал Кхалили признава дека хроничен проблем во изминатите години беше слабата комуникација со родителите, што најмногу се должи на помалиот број на персонал.

– Во последните две години има поголем број нови доктори и сестри на одделот за неонатална интензивна нега, па и давањето информации е поконстантно. Понекогаш, поради зголемен обем на работа или поради некоја интервенција која ја спроведуваме можно е да не се одговори на секој повик, но се трудиме тоа да биде што е можно поретко. Тенденцијата е да се отвори одделението, па родителите да доаѓаат секојдневно, со што значително ќе се подобри  комуникацијата на линија медицински персонал – семејство, а ќе се подобри и состојбата во која се наоѓаат овие родители. И самото активно вклучување на родителите во процесот и барањата од нивна страна за информации и за присуство и контакт со своите бебиња, е на иста линија со глобалното одбележување на Светскиот ден на предвременото породување и залагањата за поголемо почитување на правата на детето, т.е. да не биде одвоено од родителите – вели нашиот соговорик.

Тој потенцира и дека во изминатата година се воведени голем број нови современи методи и интервенции со кои се овозможи поквалитетна нега и поголемо очекувано преживување во текот на лекувањето. Беа спроведени обуки, а беа организирани и посети од странски консултанти кои значајно влијаеа на подобрување и осовременување на работниот процес. Современиот начин на воведување на исхрана преку инфузија (т.н парентерална исхрана) рано по породувањето, осовременувањето на пристапот во однос на механичката вентилација со рано започнување, но и со тенденција за порано и побрзо откачување на бебињата од оваа поддршка, се почестото користење на неинвазивната вентилација  и многу други мерки.

– Сето тоа доведе до значајно намалување на несаканите исходи во текот на лекувањето на овие бебиња во нашата единица за неонатална интензивна нега, најголема од ваков вид во државата. Сепак, уште многу работи може да се подобрат и да се променат, со цел поквалитетна нега, поголемо преживување, подобра комуникација со родителите и семејствата и подобар исход за нашите најмали пациенти – порачува Ал Кхалили.

Одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родените деца ќе биде во недела на 17 ноември во Амфитеатарот на Клиниката за гинекологија и акушерство, а поканети да присуствуват се сите оние кои имале предвреме родено бебе или работат со оваа група на пациенти.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот