Диета со зелка – рецепт и начин за лесно симнување килограми

Супа од зелка
супа од зелка/ Alamy / Profimedia

Диетата со зелка е една од најпопуларните на нашиве простори, ако не и пошироко. Знам дури и многу жени кои ми ја имаат препорачувано не само како режим на исхрана, туку едноставно како „чистење“ на организмот, но за мене не беше предизвик, или пак беше преголем предизвик 🙂

Иако е едноставна и се однесува најмногу на внесот на зелката низ деновите додека јадете регуларно храна без многу масти и јаглехидрати, оваа диета е всушност – конзумирање супа од зелка. Рецептот има потекло од многу одамна, а бил популарен по втората светска војна, користејќи ја зелката во чорба како можност за закрепнување и стабилизирање на имунитетот. Освен за општото здравје, оваа комбинација на зеленчуци во супата, може да направи еден вид детокс на организмот.

зелка/архива

Па кој е вистинскиот рецепт?

За да ја направите оваа супа, или чорба, потребно ви е:

3 главици кромид
2 зелени пиперки
1 конзерва доматен сос или пелат (домати во сос)
свеж целер по желба
2 мали моркова
голема главица зелка
1 лажица од следниве мешунки: леќа, пченица, јачмен и сув грашок
масло,
сол

Подготовка:

Прво потребно е да ги пропржите ситно исечканите кромид, морков, пиперка и целер. Откако ќе се заруменат, додајте го целерот и потоа мешункастите зеленчуци. Додајте го доматниот сос и малку вода и оставете сета комбинација да се свари. Сосема пред крај, додајте ја зелката исечкана на ситни парчиња, оти таа најбрзо се вари. Потребно е само неколку минути да омекне, а да ги задржи сите хранливи состојки, минерали и витамини.

Начин на конзумирање

Супата можете да ја јадете секогаш кога чувствувате глад, односно – кога и да посакате. Некои од поборниците на оваа „чудотворна“ диета велат дека колку почесто ја јадете, толку побрзо може да стопите килограми. Супата всушност прави детоксификација и ви го забрзува метаболизмот.

Доколку веќе имате воспоставен режим на исхрана, оваа супа само ќе ви помогне во смалувањето на вишокот килограми. Значи – исхрана без многу масти, исфрлени шеќери и јаглехидрати, во комбинација со оваа витаминска супа, можат многу брзо да ве доведат до саканите резултати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот