ВИДЕО | Спасовски: Денешниот ден мина во мирна атмосфера

Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи / Фото: Слободен печат, Горан Наумовски

Денешниот ден мина во мирна и демократска атмосфера. МВР нема регистрирано посериозни инциденти. Денес се пријавени 91 настан, бројка која е многу помала од претходните изборни циклуси.

– До 19.00 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 40%, во споредба со изборите во јули 2020 година, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по завршувањето на гласачкиот процес на седмите по ред локални избори.

Спасовски информира  дека во текот на денешниот ден беа пријавени 42 случаи на агитирање, како најчеста појава овој изборен ден, од кои седум се отфрлени како неосновани, а по останатите се постапува.

Освен тоа, евидентирани се 13 пријави за изборен поткуп, од кои пет се отфрлени како неосновани, 7 пријави за упатување закани или вознемирување гласачи, 6 случаи за фотографирано гласачко ливче, 3 за излепен пропаганден материјал, по два настана за нарушување на јавен ред и мир, за снимање на просторија на гласачки места, за фотографирање гласачи, два за уништување гласачки материјал, по еден за фрлени гласачки ливчиња, гласање од страна на ковид позитивно лице, попречување гласање, како и една кривична пријава за настан случен за време на молкот, соопшти министерот Спасовски.

-Најголемиот број од пријавените инциденти се во Скопје, Штип, Куманово , Велес и Тетово. рече Спасовски.

Тој упати благодарност до граѓаните бидејќи рече тој за сите пријавени настани полицијата брзо и професионално реагирала.

Видео на денот