Вработените во обложувалници со апел до Владата

Обложувалница / Фото: EPA/TOLGA BOZOGLU

По повод 1-ви Мај, Меѓународниот ден на трудот, Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам”,  упатува апел до Владата и Собранието на Република Северна Македонија.

– Ние сме гласот на 10 илјади луѓе вработени во секторот игри на среќа. Нема да дозволиме да бидеме жртви на политички мотивирани законски измени. Згрозени сме од хајката која се води против нас подолг период. Некои партии треба да престанат пред секои избори да се обидуваат да ловат политички поени со нашите судбини. Јавноста треба да земе предвид дека со оваа дејност не се занимаваат некои наводно бесчувствителни профитери, туку луѓе од крв и месо, кои се активни чинители во ова општество. И ние сме родители, најчесто на малолетни деца и никогаш не би се согласиле да бидеме дел од нешто што ги прави нив потенцијални жртви. Во автомат клубовите одамна се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ, се е 100% законски, се вели во апелот на вработените во секторот на игри на среќа.

Тие велат дека доколку биде дислокацијата на обложувалниците на оддалеченост од 500 метри од училиштата, тоа ќе значи затворање на голем број субјекти.

-Доколку биде усвоен предлогот за дислокација на автомат клубовите и обложувалниците на 500 метри од основни и средни училишта, тоа ќе значи затворање на сите објекти во кои се организираат игри на среќа. Согласно постоечката инфраструктурна поставеност, одредено дистанцирање од едно училиште, ќе го приближи објектот до друго училиште. Ова е неспроведливо на терен. Ние ќе ги загубиме нашите работни места и ќе бидеме принудени да си ја бараме иднината надвор од границите на нашата Татковина, во западните земји, членки на ЕУ. Тоа значи дека 10 илјади луѓе на кои уредно им се исплатуваат плати, придонеси, додатоци за прекувремена работа, ќе останат на улица. Дури и за време на безбедносните мерки за заштита од пандемијата со „Ковид-19″, кога не одевме на работа, платите ни беа исплаќани во целост. Надлежните државни институции треба да бидат свесни дека најмалку 24 илјади граѓани преку нашите работни места обезбедуваат егзистенција, а истовремено секторот игри на среќа индиректно подржува и помага речиси 54 илјади работни места, велат од здружението „Сакам да работам“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот