45. Млад отворен театар: Театар на изолација доминира на виртуелната сцена

Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ) во своето 45. издание, годинава во хибридна форма, се одржува од 24 ноември до 6 декември со мото „…ќе има и утре!“

Почетокот на 45. МОТ го означи премиерата на претставата „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, копродукција на МОТ и на Факултет за работи што не се учат, на 24 ноември во Универзална сала. Станува збор за перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле.

Во приказната за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години, активно е вклучена публиката од самиот влез и заедно со актерите минува низ шесте чина до излезот од задната страна. Во час и половина се разоткриваат фрагменти од меморијата на Универзалната сала низ приказни на знајни и незнајни посетители во текот на постоењето на објектот.

Пораките што со перформансот се пренесуваат, се однесуваат на солидарноста, на трагедијата и на катарзата од која треба да роди нова солидарност, како фениксот што се раѓа од пепелта. Уметничкиот пламен треба да го поттикне новиот живот на Универзална сала, таква каква што е и на истата локација.

Перформанс „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ (Фотографија: Драгица Николовска)

Покрај „Универзална во пламен“, премиери на МОТ имаат и перформансот „Скринсејвер“ (Screensaver), развиен во рамките на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, а се прикажа онлајн, како и претставата „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес, која на 5 и 6 декември ќе има изведби во живо во МКЦ. Во фестивалските денови на програмата во живо и онлајн се поставени 12 театарски продукции од македонски, но и од театарски куќи од Словенија, Србија, Грција и од Хрватска.

Онлајн програмата ги содржи претставите „Траги од Антигона“ во режија на Ели Папаконстантиноу (ОДЦ Ансамбл) од Грција, „Полковникот Птица“ во режија на Андреј Цветановски во НУ Гостиварски театар, „Ајхман во Ерусалим“ во режија на словенечкиот режисер Јернеј Лоренци во изведба на „ЗеКаеМ“ од Хрватска, „Три сестри и Наташа П.“, копродукција на „Арт медија“ и Национална опера и балет, во режија на Наташа Поплавска, „Илузии“, инспирирана од истоимената драма на Иван Вирипаев, во режија на Нела Витошевиќ, „Иднината е приватна“ во режија на Милош Б Андоновски со независната театарска група „Пресврт“, „Спроти нештата“ во режија на Борис Никитин и во изведба на омилениот театарски ансамбл на нашата публика – Словенско младинско гледалишче и новиот храбар обид за експериментирање со наслов „Кожурец“ во режија на Билјана Радиноска со театарската група „Артопија“. Претставата „Лоунли пленет“ на култното „Ателје 212“ од Белград ќе има две изведби во живо на 3 декември во МКЦ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот