43. ИФФК „Браќа Манаки“: Во чест на пионерите на кинематографијата

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 20 до 27 август во Битола, во програмата ги враќа сегментите што беа истиснати од ковид-пандемијата во изминатите две години.

Директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски најави 14 играни и 12 кратки филмови во натпреварувачка програма, враќање на документарната и студентската програма, како и гости од светски академии за филм.

– Годинава имаме исклучителен добитник на наградата за животно дело, кинематографер што се смета за пионер на дигиталната камера и е првиот оскаровец кој добил Оскар за филм снимен со дигитална камера, а тоа е господинот Ентони Дод Ментл, кој е снимател на филмовите на Ларс фон Трир, на Дени Бојл и бројни холивудски филмови. Сестран кинематографер со документарни остварувања на дигитални долгометражни и краткометражни филмови. Како и браќата Манаки, тој е вистински пионер во својата област. Тој ќе дојде и ќе биде гостин во Битола, ќе ја прими наградата која е симболот и знакот на фестивалот – истакна Дамевски.

За дел од долгометражната натпреварувачка програма на фестивалот на прес-конференција во Скопје информираше селекторот Слаѓан Пенев.

– Оваа година ќе имаме 14 филмови, ќе има и по два и по три филмови во една вечер во големата сала во Домот на културата во Битола, но се надевам дека публиката ќе биде задоволна од изборот. Меѓу тие 14 филмови најмногу доаѓаат од Канскиот фестивал, а ќе ги имаме победниците на Кан, Берлинале и еден од победниците во Карлови Вари. Режисерот Рјусуке Хамагучи е еден од најбараните, автор на „Вози ја мојата кола“, филм кој учествуваше на сите важни светски фестивали и добитник на бројни награди. Канскиот победник „Триаголник на тагата“ е филм кој никого не остави рамнодушен. Шпанскиот филм „Алкарас“ е добитник на „Златна мечка“ во Берлин. Во програмата има два македонски филмови. Македонска премиера ќе има „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристевски. Вториот филм е „Мими“, кој имаше премиера на „Синедејс“ – истакна Слаѓан Пенев.

Директорот Мони Дамевски и селекторите на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ првата прес-конференција ја одржаа во Скопје

Селекторката на документарната програма Кумјана Новакова ги издвои „Три минути продолжување“ и „Фабриките на работниците“, а изрази задоволство и дека жирито на документарната програма е составено од жени.

-Програмата е простор на промени зашто 70 проценти ги потпишуваат жени, односно женскиот сензибилитет отвора нов израз и претставува промена на традицијата со која сакаме да раскинеме. Од друга страна, програмата дава простор на креативната храброст, затоа што со селекцијата влегуваме во докуфикцијата и на хибридните филмски јазици – рече Новакова.

Селекторката на кратката програма Марија Апчевска нагласи дека фокусот е на кратки филмови што имаат извонредна фотографија.

– Имаме селектирано 12 филмови од цел свет. Особено ми е задоволство што во изборот имаме и филмови кои се снимени од жени кинематограферки, бидејќи тоа е сѐ уште поле во кое доминираат кинематограферите. Имаме и наши домашни македонски филмови, тоа е традиција што ја негуваме во сите програми. Тоа се филмови што веќе биле на светски фестивали, но имаме и нови гласови, филмови на режисери и кинематографери чие време допрва доаѓа, а тие во Битола ќе уживаат на нашиот фестивал – истакна Апчевска.

Годинава, околу педесетина студенти од повеќе светски академии за филм доаѓаат во Битола и ќе присуствуваат на мастер-класовите и проекциите.

– Задоволство ми е што го најавувам враќањето и надградувањето на студентската програма, која ја нарекуваме „Први чекори“. Тоа е визија на фестивалот кој е една појдовна точка на младите кинематографери, со што им даваме елан, инспирација и препознавање на нивниот квалитет и талент. Ако претходно студентската програма имаше регионален карактер, сега е проширена. Втората поважна промена е трансформацијата на студентската програма од ревијален во натпреварувачки карактер. Избравме 18 филмови од 17 земји во селекцијата од најголемите филмски академии, од Лондон, Виена, Полска, Чешка, Минхен, Мадрид итн. Ќе одлучува интернационално жири, а најдобриот кинематографер ќе добие „Кристална камера 300“ – рече Ѓорѓи Пулевски, селектор на студентската програма.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 22 јули 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот