39. Скопски џез-фестивал: Квалитетна и возбудлива програма достојна за репутацијата на фестивалот

Силната интернационална програма и традицијата да се понуди најдоброто од џезот и импровизираната музика ќе бидат карактеристика и на 39. издание на Скопскиот џез-фестивал, што ќе се одржи во својот стандарден термин од 14 до 17 октомври.

Познати изведувачки имиња од Европа и од Македонија ќе одржат концерти во живо во салата на Националната опера и балет во рамките на програмата на 39. Скопски џез-фестивал, која, покрај многубројните ограничувања што ги донесе кризата со коронавирусот, е составена со императив да го сочува високиот интернационален карактер на фестивалот и традицијата тој да го нуди најдоброто од џезот и од импровизираната музика.

Новитет годинава ќе бидат бесплатниот онлајн-стриминг што ќе биде обезбеден за следење на сите концерти на фестивалот и што ќе овозможи негова достапност во целиот свет, додека за првпат е обезбеден и директен телевизиски пренос на сите концерти на националниот сервис на Македонската телевизија што, пак, ќе го направи фестивалот достапен на целата публика во земјата.

– При подготовката на ова, по многу нешта, специфично издание на Скопскиот џез-фестивал, во услови на иреална реалност што сите ја живееме, покрај главниот предуслов – безбедно одвивање на концертите со почитување на сите пропишани мерки и протоколи за заштита – се водевме од неколку приоритети: сочувување на високото ниво и меѓународниот карактер на фестивалот, поддршка на домашните џез-музичари, како и одржување на врските со американската и со норвешката креативна музичка сцена, што фестивалот ги негува веќе долга низа години во континуитет, а кои годинава беа доведени во прашање, со оглед на неможноста на американските и на норвешките музичари, поради ситуацијата, да патуваат вон границите на своите земји. И покрај огромните проблеми, пречки и тешкотии со кои, разбирливо, се судривме во овој исклучително деликатен процес, мислам дека успеавме да составиме висококвалитетна и возбудлива програма, достојна за репутацијата на фестивалот.

Она што е годинава различно и ново во однос на претходните изданија на фестивалот, имајќи го предвид редуцираниот капацитет (30 отсто) на салата на Националната опера и балет (НОБ), каде што ќе се одвиваат концертите, е достапноста на комплетната фестивалска програма на интернет, преку лајв-стриминг, но и преку националниот сервис, МТВ. Во исто време, за првпат во историјата на фестивалот, имаме споделување, односно пренесување на врвно музичко искуство од далечни локации, и тоа ексклузивно, само за потребите на 39. Скопски џез-фестивал – истакна Костадин Шурбановски.

Фестивалот ќе го отвори, премиерно кај нас, дуетот на двете балкански ѕвезди Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов. Од Македонија учество ќе земат: специјалниот фестивалски проект на Тони Китановски и неговиот „мал биг-бенд“, потоа триото на Сашо Поповски со концертна промоција на новиот албум, како и сосема новата формација на Светлост + Одрон ритуал оркестра. Од Шпанија доаѓаат водечкиот фламенко гитарист Чикуело и реномираниот пијанист Марко Мезкида, од Австрија култните „Радиан“, од Хрватска пијанистот Матија Дедиќ, кој ќе одржи соло-рецитал со музиката на неговиот славен татко, а фестивалот ќе го затворат легендарните француски браќа Стефан и Лајонел Белмондо со својот квинтет.

Програмата во Скопје ќе биде затворена со концертот на француските браќа Стефан и Лајонел Белмондо со својот квинтет (Фотографија: Патрис Соку)

Потврден е онлајн-стриминг на три ексклузивни концерти што ќе се случат во Њујорк и во Осло, а специјално за Скопскиот џез-фестивал ќе настапат триото на Вилијам Паркер, со Ава Мендоза и Џералд Кливер, дуетот Крис Дејвис / Ингрид Лауброк и големиот ансамбл на Тригве Сеим.

Програмата на фестивалот годинава опфаќа и промоција на две нови цеде-изданија на „SJF Records“: петтата албумска објава на Сашо Поповски Трио и првенецот на групата „Некст ту сајленс“ (Next To Silence).

– Видно возбуден ја дочекав веста дека издавач како „SJF Records“ ќе го издаде мојот трио албум „Fallen Land“. Да се биде дел од ова семејство е голема чест, но и поттик за понатамошна креативна работа. Секако, тоа е референца плус за мојата музика што во блиска иднина ќе ми помогне за интернационален букинг и промоција на македонската импровизирана музика во ЕУ. Среќен сум што во рамките на Скопје џез-фестивал на 17 октомври концертот на Сашо Поповски Трио ќе биде и промоција на албумот во живо пред македонската публика – изјави Сашо Поповски за „Културен печат“.

Сашо Поповски Трио (Фотографија и ковер-арт: Даниел Ѓурчиновски)

Музичкиот материјал за албумот „Fallen Land“ е снимен во 2019 година, а во снимањето учествуваа Сашо Поповски – гитара, Иван Бејков – бас и Виктор Филиповски на тапани и перкусии. Албумот содржи седум композиции. Задоволство и возбуда се чувствува и кај членовите на групата „Некст ту сајленс“.

– Скопскиот џез-фестивал ја препозна специфичноста на нашата музика и предложи издавање на нашиот прв албум во рамките на овој реномиран лејбел, како во регионални, така и во светски рамки. Тоа, секако, се должи на нивната доверба и на заемната почит, со оглед на тоа што десетина години функционираме како џез-состав и пополека го градевме звукот, кој стана препознатлив. Имавме одлична можност и привилегија да настапиме на минатогодишното издание на Скопскиот џез-фестивал, каде што претставивме дел од нашите композиции, а за кои имаше одлични реакции. Тоа ни овозможи да ѝ дадеме автентичен звучен, наративен и визуелен карактер на нашата музика, што веруваме дека ќе биде препознаено и во ова прво издание на „Next To Silence“. Затоа и му дадовме специфичен наслов на албумот („…“), што некако го илустрира она што е недокажано, премолчено или неизвесно, а воедно е содржано во музиката на нашиот првенец – објасни Гоце Наумов од групата „Некст ту сајленс“.

Скопски џез-фестивал го издаде првиот албум на „Некст ту сајленс“

Клучни во создавањето на првиот албум на „Некст ту сајленс“ биле емоциите и умешноста на Александар Николовски, Филип Димишковски, Драган Стојковски и Гоце Наумов, звучните марифети на Ивица Јанкуловски, ентузијазмот и џезерската мисија на Оливер Белопета и Костадин Шурбановски, како и мистичните гласови на Каја и Веда.

Дизајнот на постерот за 39. Скопски џез-фестивал е на Јана Мишева. Во рамките на Скопскиот џез-фестивал ќе биде доделена и наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2020 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 52, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот