31 година од смртта на Фреди Меркјури: Тажната приказна зад најголемиот хит на групата „Квин“

Фото: Flickr

Денеска навршува 31 година од смртта на еден од најдобрите пејачи на сите времиња – Фреди Меркјури. Легендарниот пејач „Квин“ почина од последици на сида на 24 ноември 1991 година.

„Квин“ е еден од најпопуларните рок бендови што некогаш постоеле. Иако во текот на кариерата направија многу хитови, една песна особено се издвои. „The Show Must Go On“ е песна на „Квин“ од нивниот албум „Innuendo“ од 1991 година.

Стана една од најпознатите песни што одбележа цела една генерација.

Фото: Профимедиа

Иако се верува дека ја напишал Фреди Меркјури и дека е негова проштална песна, тоа е само делумно точно. Всушност, основата ја напишал гитаристот Брајан Меј, инспириран од битката на Меркјури со болеста, неговата храброст и истрајност во последните денови.

Меркјури боледуваше од сида, иако тоа тогаш официјално не се знаеше. До средината на 1991 година, тој веќе бил толку болен што едвај можел да оди, па Меј бил загрижен дали физички е способен да отпее толку тешка песна. Затоа демо верзијата ја отпеал Меј, иако морал да користи фалсет на одредени делови кои биле превисоки.

Меѓутоа, на изненадување на сите членови на бендот, кога дошло време за снимање, Фреди влегол во студиото, се напил малку вотка, станал, рекол: „Па ќе ја испеам, душо!“, а потоа ја испеал целата песна без грешка од првиот обид. „Тој почна и растури, целосно го „скина“ тој вокал“, раскажал подоцна Меј.

Потоа, Фреди Меркјури веќе бил преслаб за да го сними спотот, па за него не бил направен нов материјал, туку бил направен колаж од видеоспотовите на групата направени помеѓу 1981 и 1991 година.

Песната зборува за животот на сцената воопшто, за тоа дека сите лични проблеми мора да се остават настрана кога се настапува, а текстот е полн со алузии и метафори. На крајот, текстот зборува за одлучноста и желбата за живот: „I have to find the will to carry on with the show“ („Морам да најдам волја да го продолжам шоуто“).

Џим Хатон, партнерот на Меркјури во последните шест години од неговиот живот, еднаш изјави дека постои стих којшто најдобро ги опишува последните денови од животот на Фреди.

„Според мене, најавтобиографскиот стих е: „My make-up may be flaking but my smile still stay on“ (Можеби шминката ми се лупи, но насмевката не ми се симнува). Токму така беше. Колку и да му беше лошо на Фреди, тој никогаш не негодуваше и не бараше никакво сочувство. Таа битка беше само негова и ничија друга, и тој секогаш покажуваше храбро лице, и покрај сѐ полошата ситуација“, рекол Џим во едно интервју во 1994 година.

Фото: Профимедиа

За жал, Фреди Меркјури не успеа да ја изведе песната во живо на некој настап. Почина на 24 ноември 1991 година, набргу по објавувањето на албумот. И денес се смета за еден од најдобрите пејачи кои некогаш живееле.

Животната приказна на Фреди Меркјури: Не сакал да биде рок ѕвезда туку легенда, и тоа го постигнал

Легендарниот Фреди Меркјури доби улица во Лондон

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот