22. „Оф-фест“: Импресивен спектар на уникатен и музички автономен јазик

Дваесет и второто издание на традиционалниот „Оф-фест“ ќе се одржи од 7 до 10 јуни во Националната опера и балет и во МКЦ, а годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм.
Присутноста на „музиката на светот“ и традицијата на еден од најзначајните музички настани кај нас продолжува со ова издание. Фестивалот уште еднаш го потврдува високото реноме со исклучително богата и разновидна програма.
На 7 јуни во Националната опера и балет, фестивалот ќе го отвори импресивниот аудиовизуелен перформанс на славната португалска фадо-пејачка ѕвезда Мизија.
Фасцинантната моќ на модерната естонска фолк кралица Мари Калкун, во комбинација со раскошната интерпретација на македонската традиционална песна од страна на единствената Зарина Првасевда и нејзиниот состав, ќе создадат услови за беспрекорно фестивалско доживување на втората вечер.
Оригиналниот микс од пустинскиот гитарски блуз и транс ритмите на италијанската Таранта на тандемот Џастин Адамс и Мауро Дуранте, ќе ја пресретне софистицираната интроспективна лиричност и неодоливиот шарм, талент и визија на нашиот њујорчанец Крсте Роџевски.
За мистериозната аура на култната чешка двојка Ирена и Војтех Хавлови ќе сведочи нивното уникатно концертно патување, но и прикажувањето на документарниот филм „Little Blue Nothing: A musical portrait of Irena and Vojtech Havlovi“.
Годинашниот „Оф-фест“ ќе го заокружат фуриозните настапи на две исклучително возбудливи музички појави: новата ворлд-мјузик атракција „Баб л‘ блуз“ со својот психоделичен марокански фанк-рок звук, како и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот Дизи Манџеку & Одемба ок ол-старс.

Португалската ѕвезда Мизија е пионер, слободен дух, што успеа да изгради своја патека во жанрот и веројатно затоа го добила прекарот „анархист на фадото“. Првите успеси ги бележи во странство, прво во Шпанија и Јапонија, потоа во Франција и Германија. Набргу стекнала и светска популарност, започнувајќи вистинска интернационална кариера, којашто трае три децении.

Музиката на Мари Калкун, иако ја пее на јазик што малкумина го разбираат, создава медитативна и необична атмосфера која предизвикува многу емоции. Нејзините слободни музички аранжмани во основа ги детерминира звукот на канелот – традиционална естонска цитра.

На границата меѓу автентичноста и пренесувањето на културното наследство низ самоизразување, македонската уметница Зарина Првасевда го пронајде својот сопствен израз на долгоочекуваниот деби албум „Ехо“, издание што содржи 11 традиционални песни на 4 различни јазици. Објавен од „Кроација Рекордс“, албумот ја сумира уметничката визија на Зарина низ слободата и талкањето меѓу сите влијанија од фолклорното наследство што ја инспирирале.

Дуото Џастин Адамс и Мауро Дуранте се врвни музичари со различен бекграунд кои ги обединува нивната длабока поврзаност со древната транс музика.

Крсте Роџевски е македонски пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена од неговата преселба во Њујорк во доцните деведесетти години на минатиот век. По издавањето на трилогијата: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore“ (2018), Роџевски ги снима „Hubris“ (2020) и „Fair Weather Friends“ (2022). Станува збор за концептуални албуми со интроспективни текстови и електроакустичен звук, збогатен со експериментални и фри-џез елементи.

Чешкото дуо Ирена и Војтех Хавлови (The Havels) има речиси 40-годишна заедничка уметничка кариера и партнерство зад себе. Започнале да работат заедно кон средината на 80-тите години како дел од експерименталниот ансамбл „Capella Antiqua e Moderna“, уникатна асоцијација на музичари чиј репертоар опфаќа различни стилови на европската класична музика: од ренесансата до современата. Со текот на годините тие минаа низ неколку сопствени развојни фази, патувајќи долго и широко низ времето и просторот, развивајќи свој уникатен и музички автономен јазик. Интимно патување низ светот на Ирена и Војтех Хавлови ќе биде прикажано и со документарниот филм „Литл блу нотинг“ (Little blue nothing).

Директно од срцето на Магреб, „Баб л‘ блуз“ (во превод: „Порта на блузот“), го редефинираат традиционалниот северноафрикански блуз на нетрадиционален начин. Овој квартет, формиран во Маракеш во 2018 година, е инспириран од мароканските музички традиции, во комбинација со рок музиката, современите звуци и мароканскиот поп.

Гитаристот Дизи Манџеку е жива легенда на конгоанската румба. Пред да стане член на славниот оркестар „OK Jazz“ на Франко Луамбо Макиади во 60-тите и 70-тите, Дизи веќе предводи неколку бендови, настапувајќи со бројни великани на конгоанската музичка сцена. Конгоанската румба од неодамна е прогласена за нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Програмата на „Оф-фест“ ја доловува разновидноста на музиката од сите континенти, фокусирајќи се на одделни категории, од традиционалната, етно, фолк и изворната музика сè до современите, урбани и експериментални музички струења. Листата на учесници низ историјата на „Оф-фест“ е импресивна, а годинава ќе биде збогатена со осум музички проекти.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 181, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-4.6.2023)