212 затвор за таткото од Калифорнија кој ги удави своите два аутистични сина за добивање корист од животна полиса

Судија од Калифорнија осуди лице на 212 години казна затвор во шема за добивање корист од животна полиса, соопшти денеска Министерството за правда. 

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, станува збор за Али Ф. Елмезајен (45) кој во април 2015 година управувал возило во кое биле неговата сопруга и двајца синови и излетал од патот покрај пристаниште во Лос Анџелес во заливот Сан Педро. Елмазајен преку отворениот прозорец успеал да излезе од колата која што тонела. Неговата сопруга не знаела да плива, но преживеала откако локален риболовец и фрлил појас за спасување. 

Нивните два сина, 13 – годишниот Елхасан и осум – годишниот Абделкрим, се удавиле. Децата боледувале од аутизам.  

Окружниот судија Џон Волтер шемата на Елмазајен ја нарече „злобна и ѓаволска”. 

-Oбвинетиот се кае само поради тоа што бил фатен, изјави судијата. 

Смртта на децата била дел од детално испланирана осигурителна шема од страна на Елмазајен. Од јули 2012 до јули 2013 година во осум осигурителни компании тој купил животни полиси и полиси за смрт во случај на несреќа, вредни осум милиони долари. 

Според Министерството, тој ги купил овие полиси истата година кога завршил со процедурата за банкротство, и за нив плаќал повеќе од 6.000 долари годишно. 

По „несреќната” смрт на синовите, Елмезајен добил исплати од повеќе од 260.000 долари од две американски осигурителни компании, врз основа на животни полиси за смрт во случај на несреќа запишани на име на неговите деца. 

„Дел од парите тој ги употребил да купи недвижности и пловило во Египет”, се вели во соопштението. 

Во февруари 2018 година бил уапсен од Федералното биро за истраги (ФБИ) поради основано сомнение за повеќе измами, кражба на идентитет и за перење пари, јави Си-Ен-Ен.  

-Надвор од паметта е помислата татко да го загрози животот на своето семејство за лична финансиска добивка, изјави Рајан Корнер, специјален агент од Внатрешната даночната служба (ИРС) за криминални истраги.  

Дел од казната на Елмезајен е да исплати оштета во висина од над 260.000 долари осигурителните комании што ги измамил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот