2025: Чувај боже од полошо
Прогнозите за тоа каква ќе биде годината во која тукушто впловивме и по која ќе мораме да весламе спротивода, најметодично ќе ги започнеме со оптимистичната изјава на големиот Харуки Мураками: „За несреќа, часовникот отчукува, а времето мине. Минатото се зголемува, додека иднината исчезнува. Можностите се намалуваат, а жалта и каењата се трупаат“.
Се воздржував од прогнози и предвидувања за тоа каква ќе биде новата 2025 година, додека уште се давевме во калта на онаа одвратна 2024 (што се надевам дека неповратно мина), и, се разбира, додека доаѓањето на новата година сè уште беше непроверена гласина. Но денес, кога ги пишувам овие редови, на денот кога се слави Рождеството на нашиот спасител Госпот Бок Јешуа ха Насри – како што тој се викал на арамејскиот јазик на кој зборувал, и како што бил крстен – кој потоа во грчките преводи на евангелијата станал познат како лицето Исус Христос, можам со олеснување да се свртам кон иднината.
Прогнозите за тоа каква ќе биде годината во која тукушто впловивме и по која ќе мораме да весламе спротивода, најметодично ќе ги започнеме со оптимистичната изјава на големиот Харуки Мураками: „За несреќа, часовникот отчукува, а времето мине. Минатото се зголемува, додека иднината исчезнува. Можностите се намалуваат, а жалта и каењата се трупаат“. Оваа поетска експресија на вториот закон на термодинамиката ја прави појасна лирската суштина на најопштиот физички закон во вселената: дека работите се случуваат неповратно, сите до една, и дека сè се случува по првпат и само еднаш, секогаш во полошо издание од претходното. Дека тоа задолжително е така сведочи константната тенденција на ентропијата (нередот и деградацијата на материјата, енергијата, информациите и што и да е) непрекинато и несопирливо да се зголемува, и тоа во сите затворени системи, на и вон планетата Земја, како и во космосот како целина.
Жизнерадоста што неминовно избива од вториот закон на термодинамиката го обезбедува оптимистичниот поглед кон светлата ни иднина, и тоа не на начин што работите ќе се одвиваат закономерно од лошо кон полошо, туку дека секој ден од новата ни година ќе биде најдобриот ден во нашите животи. Како тоа, ќе прашате? Едноставно: секој ден ќе го живееме подобро од утрешниот ден и буквално секој ден ќе ни биде најдобриот од сите што ќе му следат. Постои ли поубава иднина од онаа во која секој ден ќе ни биде најквалитетниот од сите што ни преостанаа во бескрајната низа што се губи во недогледот на иднината? Не мора да одговорите, почитувани читатели, прашањето беше реторичко.
Но, да прејдеме на анализа на клучните настани што ќе ја обликуваат потаму и целата 2025 година. Првин за домашната политичка сцена: во Македоња Норд тоа е насилната, непровоцирана и брутална смрт на возрасен и огледен примерок на домашната кафена мечка (Ursus arctos), кој е заштитен вид поради загрижувачкиот факт дека во целата непрегледна Македоња живеат едвај пет-шестотини примероци. Криминалното убиство стана јавен скандал откога во медиумите се појави серија на фотографии во кои висок вмровски функционер, булукбаша, арамбаша или штурмбанфирер – веќе и не ги знам точните офицерски рангови на воено-бандитската организација – со здржано блазирана гордост и карабин на грбот позира покрај тукушто убиената мечка. Премиерот на Македоња, врховниот арбитер за сите прашања на животот и смртта, одлучно реагираше, а неговите зборови – без каков и да е коментар – ги пренесоа сите медиуми во земјата и светот, ако не и пошироко.
Премиерот категорично изјави дека убиецот на мечката, високиот вмровски офицер, ќе биде разрешен од функцијата на која тој лично го поставил, ако се докаже дека ја убил мечката со којашто беше фотографиран. „Ќе биде разрешен, ако се потврдат овие тврдења. Тоа се девијантни однесувања што ако се потврдат, немам намера да ги амнестирам“, рече Тој со железен и бескомпромисен тон на праведен но строг патријарх.
Никој во Македоња не се посомнева дека има што било дисонантно во самата изјава на премиерот, па органите на полицијата се фрлија да ги истражат сите околности на злосторот и да ги соберат потребните докази.
Првин тргнаа по сите мечкини дувла во регионот, да се распрашаат кај роднините и познатите на загинатата за нејзиното однесување во последните недели пред немилиот настан, со цел да го исклучат можното самоубиство на мечката поради депресија или други ментални нарушувања. Исто така, органите на прогонот педантно ги пребаруваат околните шуми во потрага по евентуалните сведоци на немилиот настан помеѓу шумските бубачки и ѕверки. До надлежниот институт за судска медицина сигурно веќе стасало барање од надлежното обвинителство да се изврши обдукција на мечката со цел од нејзините очи по пат на научно-фантастична процедура да се реституира последниот одраз во кој жртвата можеби го видела – и сочувала за вечноста – ликот на својот убиец.
Нацијата трепери од возбуда и нетрпение да ги дознае резултатите од сеопфатните истражувања на злосторот: дали се најдени потврдите за сомнежот дека вмровскиот арамбаша лично, брутално и непровоцирано, ја убил невината мечка, или обратно, да не се работи за акт на самоодбрана во кој невиниот штурмбанфирер, шетајќи се со карабин по гората, бил нападнат – исто така без причина – од насилната и безмилосна мечка, при што тој пукал во одбрана на голиот живот?!
Но како овој немил настан заедно со резултатите од акрибичното прибирање на докази може да влијае и да ја обликува целата 2025 година, како што беше напишано погоре? Еве како. Тоа што премиерот се заканува со најтешката казна за вмровскиот булукбаша – разрешување од функцијата, но само доколку се докаже дека тој лично непровоциран и со зла намера ја отстрелил мечката, и дека со него и целата политичка, медиумска и друга јавност смета дека фотографиите во кои гордиот вмровец позира со убиената мечка самите по себе не се доволна причина за тој да биде разрешен, веќе е доволно јасно знамение дека немаме што добро да очекуваме од годината што е пред нас.
Во секоја замислена нормална земја во која владее правото, и во која сè уште луѓето можат да го разликуваат доброто од злото, по самата појава на фотографиите од гордиот убиец во јавноста тој ќе си дал неотповиклива оставка. Во истата еутопија, доколку тапиот штурмбанфирер промптно не поднесе оставка, тоа ќе го направеше премиерот, неговиот создател и врховен фирер, и за разрешувањето ќе ја известеше јавноста. Таму, во таа нормална земја во која живеат нормални луѓе, би било сосем неважно дали дунстерот лично ја убил мечката, или е тоа тој што го сликал, или е тоа некој трет член на бандата убијци на ретката и заштитена крупна дивеч. Тоа таму би било сосем неважно за моралната и кривичната осуда на вмровскиот штурмбанфирер, но во библиската земја, летото господово 2025, нормалното е ненормално.
И така, во празничното спокојство во кое библиската земја го слави Рождеството на Јешуа, во бодрото и доблесно трпение со кое ги чекаме резултатите од шумските истражни дејствија на надлежните органи, смирени и успокоени од категоричната изјава на премиерот, сите ние манифестираме симптоми на едно морално – и ментално – тешко оболено општество. Тоа е општество за кое мудро и пророчки кажа претседателот Абрахам Линколн, гледајќи во далечната македонска иднина, дека земјата има власт на кретени, од кретени и за кретени, поради што надежта е дека таа никогаш нема да исчезне од библиската земја. Така што, предвидувањата за 2025 година се ведри и еуфорични: чувај боже од полошо.
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“