2020-та

Изминуваат завршните часови од годината што нè учеше на вонредност и ни покажа како човек без проблем се навикнува на тоа. Тоа е една од застрашувачките лекции од годината што ја напуштаме

Далеку да ѝ е прекрасната куќа. Да замине и никогаш да не се врати… И слично. За повеќето луѓе, емоциите по повод 2020 година може да се компресираат во една од овие „традиционални“ формулации.

Речиси дека провејува оној инфантилен нагон, во таа прекрасна паганска илузија, дека тоа е можно – само треба да се испрати оваа година што е можно побрзо. И сè ќе биде подобро. Како годините да се фиоки, па можете да ги затворите по сопствено наоѓање. Времето не знае што е календар.

Како што и денес не знаеме ништо повеќе за самата природа на времето од Свети Августин – кој велеше дека знае што е времето кога никој не го прашува, но кога некој ќе го праша, не знае.

Изминуваат завршните часови од годината што нè учеше на вонредност и ни покажа како човек без проблем се навикнува на тоа. Тоа е една од застрашувачките лекции од годината што ја напуштаме.

Годината низ која поминавме маскирани и дистанцирани. И, повеќе или помалку, послушно. Година што на необичен начин удри во темелите на нашиот свет. Со незамисливи симболични и други последици. Спортските настани без публика го доведуваат во прашање самиот концепт на лично сведочење во екстазата на визуелната цивилизација. Секоја форма на реалност постои само како медиумски посредувана.

Година на смртта. Порано беа „полиња на смртта“, а тука имавме – денови, недели и месеци на смрт. Без одмор.

Смртта се појави како куп бројки, од едниот до другиот крај на светот: за мртвите и заразените. И никогаш не знаете кога вашиот број може да биде извлечен. Коронска лотарија во Вавилон.

Годината што беше толку невообичаена што ништо не беше изненадувачко, донесе и (не)очекуван крај на една епоха. Падот на Демократската партија на социјалистите од власт и заминувањето на Амфилохие несомнено означуваат крај на тридецениската епоха во модерната Црна Гора. (Белки Партијата и Црквата никогаш повеќе нема да имаат таков вид на моќ каква што на обете им припаѓаа во Црна Гора во изминатите децении.) А, што следува? Што ни носи претстојната епоха? Не би било добро клерикализацијата на општеството да биде клучниот процес што ќе ги одбележи наредните години. А, не е дека нема навестување (и сила) да се свртиме во таа насока.

Дали ова општество заслужува чекор напред? Или ни нема излез од историјата, таа  наша незгасната епидемија од лаги и омраза. Вакцина за таквата инфекција сè уште не е измислена. Или барем не е пристигната во Црна Гора.

Дали следната епоха ќе донесе европеизација на Црна Гора? Дали е тоа само сон? Колку сме далеку од моментот кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на ЕУ? Можно е овој момент сега да изгледа малку поблиску или барем помалку наликува на фантазија за дневно-политичка употреба.

Оваа година покажа дека Смртта е пеколен селектор/изборник. И отсекогаш била. Во што било. Земете го, на пример, фудбалскиот тим што го селектираше Смртта во 2020 година, година на неспомен.

Од Реј Клеменс на голот, до единаесетката што дефинитивно ќе ја задолжеше Роби Ренсенбринк. Марадона и во призракот на смртта мора да биде клучниот фантазер, десетка и во задгробниот живот. Фудбалски Хермес, талкач помеѓу световите. Брзоногиот Паоло Роси и „советскиот бомбардер“ Виктор Понедељник во шпицот на нападот. Одбраната ја води човекот кој го скроти Еузебио, Норберт Ноби Стајлс, легендата на „Манчестер јунајтед“. Тука се и Славен Замбата, Буба Диоп, Краснодар Рора, Владица Поповиќ… На клупата – Ото Бариќ или Радомир Антиќ.

Смрт, по своето дискреционо право. Тоа би бил тим за големи дела. Така е тоа со селекторот, чија покана е невозможно да се одбие.

Сите овие се теми за размислување во деновите што ќе ни ја донесат вонредната верзија на древниот пагански празник. Што сакаме од новата година или, попретенциозно, од новата црногорска епоха? Дали имаме право да се надеваме? Или барем тоа – надежта – не може да ни ја одземе ниту пандемија, ниту политика, без оглед на нивната разорност.

Преземено од „Вијести“ од Подгорица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот