1МФЛ: Блажевски им пресуди на „пандевци“, пет екипи го делат врвот!

фото: facebook.com/ShkupiFC

Денеска се комплетираше второто коло од Првата македонска фудбалска лига со останатите четири натпревари, Академија Пандев на домашен терен загуби од Вардар со 0:1. Првиот триумф за „црвено-црните“ сезонава го донесе Блажевски кој беше прецизен од пенал во 77 минута од средбата.

Имаше и по еден црвен картон на двете страни, кај домаќините во 65 минута исклучен беше Алчевски, а на спротивната страна теренот предвреме го напушти Попзлатанов (90`).

И Шкендија дојде до првите три бода во шампионатот, откако со 2:0 беше подобра од Струга Трим Лум. Водечкиот погодок за тетовскиот клуб беше дело на Тотре (38`), а конечниот епилог го постави Дориев (90+2`).

Танушев му донесе бод на Пелистер против Силекс

Шкупи на стадионот Чаир славеше над Македонија ЃП (3:1), после првиот дел водеа домаќините благодарение на голот на Јусуфи во четвртата минута од средбата. Израмнија „лавовите“ од Ѓорче Петров со погодокот на Емини (54`), во 71 минута Шкупи остана без еден играч на мечот поради црвениот картон на Адеми. Но, и покрај тоа играчите на тренерот Бајрами најдоа сили да дојдат до победата, Дарбо стрелаше од белата точка за 2:1, а трите бода ги потврди Диак (90+3`).

Борец имаше шанса после ова коло да биде единствената екипа со две максимални победи, водеше од 40 минута со погодокот на Радовиќ против Ренова. Но, „гипсарите“ го избегнаа поразот во самиот финиш од дуелот, откако автогол си постигна Стоименовски (89`).

Во саботата Работнички со 2:0 ја совлада Беласица, а Силекс поради настапот во вторник во ЛШ својот натпревар го имаше пред два дена и ремизираше со Пелистер (2:2). На табелата првото место моментно го делат пет екипи со по четири бода, Силекс, Шкупи, Шкендија, Пелистер и Борец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот