111 години од Битолскиот конгрес

Фото: Ерол Шаќири

Денешниот ден, 22 Ноември е еден од најзначајните во историјата на албанскиот народ, познат како ден на албанската азбука. Пред точно 111 години (14-22 Ноември) во еден од тогашните културни центри на Албанците, Битола се оддржа „Битолскиот Конгрес“ (Kongresi i Manastirit), со единствена цел, стандардизација и унификација на албанската азбука.

ДЕЛЕГАТИТЕ НА КОНГРЕСОТ

Конгресот се оддржал во куќата на Фехим Завалани, новинар и активист на движењето „Национално будење на Албанците“ и уредник на Bashkimi i Kombit, еден од најзначајните албански весници во тоа време, под покровителство на литературното друштво Башкими. Денес неговата куќа е претворена во Музеј на Албанската Азбука. На конгресот учество земале 160 тогашни албански интелектуалци од 23 градови претежно населени со Албанци, како и претставници на албанската дијаспора. Од нив, 50 биле делегати, а 32 делегати биле со право на глас. Меѓу најзначајните се Митат Фрашри, дипломат, писател и политичар, син на Абдуљ Фрашри кој бил водечка фигура на Призренската Лига формирана 10 јуни 1878 година. Митат Фрашри бил воедно и потпретседател на комисијата на конгресот. Ѓерѓ Фишта, католички свештеник, учител и писател, воедно и претседател на комисијата. Луиѓи Гуракуќи, поет, просветител, дипломат, кој бил Секретар на Битолскиот Конгрес. Сотир Пеци, публицист и министер. Ндре Мједа, свештеник, поет и пратеник. Бајо Топули, активист и просветител. Михаил Грамено, активист, публицист и писател. Тома Аврами, поет, активист и новинар. Ѓерѓ Ќириази, публицист и писател, студирал на американскиот универзитет во Самоков. Парасќеви Ќириази позната како Мајката на албанското просветителство, „Учителка на народот“, подолу неколку факти за оваа исклучителна жена.

ЕДИНСТВЕНАТА ЖЕНА ДЕЛЕГАТ НА ПАРИСКАТА МИРОВНА КОНФЕРЕНЦИЈА

Парашќеви Ќириази е родена на 2 јуни 1880 година во Битола, најмалото дете на Марија и Димитар Ќириази. Основното и средното училиште ги завршува во родната Битола, додека во 1990 се запишува на Американскиот Колеџ за девојки во Истанбул, а по завршувањето на студиите започнува да работи како учителка, а подоцна и како директорка на албанското училиште во Корча. Во 1908 зема учество на Битолскиот Конгрес. Во 1912 година се запишува на постдипломски студии во Охајо, САД, завршува успешно во 1913 година, а во САД повторно се враќа по почетокот на Првата Светска Војна и престојува таму се до 1920 година. Во меѓувреме таа издава безброј текстови и трудови, кои се печатат на Балканот и во САД. Во 1919 Парашќеви зема учество као делегат на Мировната Конверенција во Париз како претставник на албанско-американската делегација како единствена жена делегат на конференцијата. Во 1943 година таа заедно со членовите на семејството е уапсена од страна на нацистите и однесена во логорскиот камп во Баница, на Дедиње, Белград каде подноцна е ослободена и се враќа во Албанија, каде и умира во 1970 година во Тирана. Бидејќи целиот свој живот го посвети на едукација на младите како и поради ширењето на албанската азбука и јазик, во 1987 година постхумно ја добива титулата „Учителка на народот“.

ОДЛУКИТЕ НА КОНГРЕСОТ

Пред одржувањето на Битолскиот Конгрес, Албанците пишувале на 4 различни писма, латинското, грчкото, словенското и турско-арапското, што само по себе ја дало потребата од унифицирање на албанската азбука. На самиот конгрес предмет на расправа биле три различни азбуки од кои требало да произлезе одлуката за унификација: Alfabeti i Agimit, абецедата на литературното друштво Агими од Скадар предложен од Ндре Мједа, Alfabeti i Bashkimit, абецедата на литературното друштво Башкими, и Alfabeti i Stambollit на Сами Фрашри. Уште на самиот почеток на конгресот се постигнал консенсуз дека без разлика на тоа која азбука ќе биде одбрана, важно е да се достигне национално единство. И самиот претседавач на комисијата, Ѓерѓ Фишта се изразил со следните зборови: „Без разлика што сум испратен од литературното друштво Башкими, не сум дојден да ја бранам таа абецеда, дојден сум за да најдеме начин да се обединиме сите“.

После длабоки дискусии и полемизирања било решено да се создаде абецеда која ќе се базира на латинската азбука, што покрај одлуката за унификација на азбуката претставува еден многу битен историски момент за Албанците. Со оглед дека најголемиот дел на муслиманско население на Балканот сеуште под Османлиска окупација биле Албанците, притисокот од властите во Истанбул бил огромен за превземање на нивното писмо. Многу видни албански интелектуалци и години по Битолскиот Конгрес се залагале за таа идеја, но безуспешно.

Определбата на албанскиот народ за латинското писмо имало извонредна политичка тежина. Оваа одлука јасно покажала и докажала дека Албанците се европски народ и нераздвоен дел од западната цивилизација.

Оваа колумна е всушност наведување на некои интересни историски факти важни за албанскиот народ која ќе ја завршам со една лична констатација. Горд сум што живеам во едно мултиетничко општество, во една држава која прерасна во мултиетничка во вистинска смисла на зборот каде правото на користење на албанскиот народ е овозможено, но исто така е со еден апел до сите да се потрудиме како општество и како држава тоа право да се овозможи и на припадниците на другите етнички заедници, каде е тоа потребно. Јазикот е богатство, јазикот обединува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот