110 силувања дневно во Јужноафриканската Република

Во Јужноафриканската Република се случуваат околу 110 силувања секој ден. Таквата ситуација претседателот на таа држава Сирил Рамафоза неодамна ја нарече национална криза.

Во покраината Источен Кејп, која е најсиромашна во земјата со 45 отсто невработени, има највисока стапка на силувања по глава на жител.

Во селото Лејди Фрере, кое брои помалку од 5.000 луѓе, во текот на една година имало 74 силувања.

Поради бројноста на силувањата, медиумите за нив речиси и да не известуваат. Но, приказната на Нокубонга Kампи, која за да ја заштити својата ќерка Сипхокази, силувана од тројца мажи, уби еден силувач, а двајца рани, го обиколи светот.

Медиумите во ЈАР на почеток го криеа идентитетот на Нокубонга Kампи, нарекувајќи ја „мајка Лавица”. Таа беше обвинета за убиство, но постапката беше суспендирана откако се слушна за нејзиниот случај, за кој се одржа и јавен протест.

Бухле Тонисе, адвокатка на Нокубонга, вели дека луѓето од сиромашни средини се чувствуваат премногу незаштитено. Таа се сеќава кога првпат разговарала со Нокубонга и нејзината ќерка.

– Мајката беше вознемирена. Кога ќе се сретнете со луѓето на тоа ниво на сиромаштија, тогаш најчесто знаете дека тие мислат оти мајката ќе оди в затвор, бидејќи нема никој кој да се заложи за неа. Судскиот систем постои за оние што имаат пари – објаснува Тонисе.

Ниту една од нив не можела да ја предвиди помошта која ја добиле од медиумите, а кои ја создадоа легендата за „мајката Лавица”, која гледајќи како нејзината ќерка ја силува еден маж, а другите двајца чекаат на ред, посегна по нивните животи.

Нокубонга раскажува како се чувствувала кога слушала за случајот во медиумите.

– Во почетокот не бев среќна, бидејќи не можев да разберам за што се работи. На крајот, сфатив дека тоа значи дека јас сум хероина – вели Нокубонга, која е ослободена од вина.

Во декември 2018 година, двајцата напаѓачи, 30-годишниот Холиса Сухека и 25-годишниот Мнцедиси Вуба, членови на истиот клан како Нокубонга и Сипхокази, беа осудени на 30 години затвор.

– Бев среќна поради тоа. Се чувствував малку побезбедно, а дел од мене сметаше дека тие заслужуваат доживотен затвор – изјави 27-годишната Сипхокази, која е по завршувањето на судењето одлучи да излезе во јавноста за да ги охрабри и другите жртви на силување.

– Сакам да им кажам на сите дека дури и по таков напад постои живот и се уште може да се вратиш назад во општеството. Можете и натаму да го живеете својот живот – вели Сипхокази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот