10-тото Патувачко кино на МакеДокс започнува денес

Екипата на „МакеДокс“ денеска тргна кон селото Радожда, струшко, каде ќе биде лоциран базниот камп, а оттаму ќе се упатува кон селата од двете страни на границата. Патувачкото кино на МакеДокс ќе се одржи од 1 до 12 јули и ќе има проекции во села околу двете езера, Охридско и Преспанско езеро од македонската и од албанската страна.

– Особено ни е мило што годинава успеавме да ја оствариме идејата Патувачкото кино да стане регионален настан и првпат во неговата реализација се вклучени и партнери од Албанија, соопштија од организацијата.

Од 2 до 11 јули ќе се одржат седум проекции во 4 македонски и 3 албански населени места по следниот редослед: Лабуништа (2 јули), Бучимас (3 јули), Вишни (5 јули), Драслајца (6 јули), Пустец (7 јули), Луково (10 јули) и Лин (11 јули). Паралелно со проекциите на документарните филмови ќе се одвиваат и други активности, како патувачката библиотека на МакеДокс со книги собрани со донаторска акција, а кои на крајот ќе бидат донирани на основното училиште во Радожда. По проекциите во Драслајца, Пустец, Луково и Лин планирани се музички забави, а забавата за загревање ќе се одржи на 1 јули во Кингстон бар во Струга.

Паралелно со Патувачкото кино од 5 до 11 јули ќе се одвиваат сесиите на третата генерација „Докуникулци“, кои оваа година ќе работат во формат на камп за креативен документарен филм, а за прв пат и оваа платформа е поставена регионално со учество на млади од 15 до 18 години од нашата земја, но и од Србија и Албанија.

Партнери на МакеДокс во овој проект се Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана, Албанија, и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград, Србија. Патувачкото кино на МакеДокс се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм, амбасадата на Германија и овозможено е од Western Balkans Fund. Детската филмска програма во рамките на Патувачкото кино е направена во соработка со меѓународниот фестивал Док Лајпциг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот