Ѝ треба ли на Македонија Пржинска влада пред отворањето на европската перспектива?

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Каква порака испраќа Македонија кога во државата парламентари избори организира техничка влада, особено што овој модел на влада се злоупотребува од страна на техничките министри и нивните заменици.

По моделот Пржинска влада ќе се организираат и изборите договорени меѓу партиите на 12 април. Но, колку таквата влада ни е потребна кога Македонија тежнее да стане европска членка. Според професорката Мирјана Најчевска, бесмислено е постоењето на ваков вид на техничка влада која што во моментов  очигледно ниту помага ниту пак, обезбедува навистина пофер или подемократски избори.

– Во моментов кога ние велиме дека сме спремни за започнување со прегови со ЕУ тоа подразбира дека ги имаме изградено институциите на ниво кое што обезбедува елементарна заштита на демократските процеси. Создавањето, правењето на техничка влада е апсурдно и може да биде само порака дека ние сеуште сме во политичка криза и дека ни оддалеку не сме спремни да влеземе во ЕУ процесите – вели Најчевска за „Слободен печат“.

За да го смениме впечатокот, таа вели дека Пржинскиот модел на влада треба да се извади од Изборниот законик и најнормално, тој, кој што е на власт, да ги организира и спроведе на соодветен начин изборите. Контрола, вели Најчевска, треба да бидат институците на државта коишто ја имаат таа задача.

Техничката влада е договрена пред околу пет години во еден политички кризен период и функцонира три месеци пред избори, односно до избор на нова Влада. Главната задача и е да организира фер и демократски избори. Колку од договореното во скопската населба Пржино во јуни 2015, партиите, и од власта и од опозицијата, го почитуваат?  Според професорот Гордан Калајџиев,  техничката влада е замислена да биде фер модел, но дали така функционира е друго прашање, бидејќи како што вели, нашите партии било која идеја да ја фатат, на крај ќе ја „уништат“.

– Техничката влада не е замислена како влада која треба да надмине некој кризен период, туку таа е признавање дека ние функционираме како незрела демократија, бидејќи никогаш и не сме покажале дека сме зрела демократија. Токму затоа овој механизам е одговор на таквата состојба, и затоа кај нас не функионираат убави решенија – вели Калајџиев за „Слободен печат“.

Според Калајлџиев, техничките министрите и нивните заменици, носејќи несоодветни одлуки ја злоупотребуваат идејата, тие да бидат само контролен механизам. Техничката влада не е замислена само како влада која функционра во политичка криза, туку како модел кој треба да функционира во предизборен период.

Тој посочува дека партиите тоа го сметаат како договорен модел за сите понатамошн избори за да актуелната власт не ги „мести“ изборите. Пржинскиот модел дури не е врзан ниту со предвремени избори.

– Тоа е исто како во актуелните судски постапки да им даваш права на осомничените и тие во одреден момент тоа го злоупотребуваат. Така е и со министрите и замениците во техничката влада, го злоупотребија контролниот механизам, на пример со последната одлука за разрешување на директорите на дел од претпријатијата – рече Калајџиев.

Пржинскиот договор е потпишан од лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија, на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ  Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот