Прва меч топка за „металците“

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево (17 ч.) пред своите гледачи во СЦ „Јане Сандански“ ја имаат првата меч топка за пласман во финалето во АБА 2 лигата. Во првиот полуфинален натпревар од плејофот во АБА 2 лигата „металците“ со поените на Лестер Медфорд во последната секунда го совладаа Спарс во Сараево со 71:70.

Ова ќе биде четврти меѓусебен дуел на двете екипи сезонава, а досегашните  три дуели завршија со победа на македонскиот тим.

– Победата на теренот на противникот ја заборавивме уште на враќањето кон Скопје. Ова е плејоф, каде што влогот е голем, а секој натпревар поразличен од претходниот. Очекувам уште еден неизвесен дуел против Спарс, во кој мотивацијата ќе биде клучен фактор. Во мечот ќе влеземе без никакви калкулации и ќе дадеме сѐ од себе за да победиме. Ќе го заборавиме заморот, кој реално е присутен во тимот, бидејќи желбата да играме финале е поголема од него. Сакам да се гине за секоја топка во сите 40 минути. Знам дека играчите се свесни за тоа и знам дека ќе го дадат својот максимум. Ги повикувам и нашите навивачи да дојдат во што поголем број да ни помогнат до уште една исклучително важна и тешка победа – вели тренерот Ѓорѓи Кочов.

Победата во денешниот дуел носи пласман во финалето и дуел со победникот од двомечот помеѓу Приморска и Борац, а шампионот ќе обезбеди пласман во АБА лигата за следната сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот