Покрај „жолтите комбиња“, на МВР му подметнале и жолти возила

Месечно за сервисирање Министерството за внатрешни работи трошеше пари колку за три нови возила. Тие бројки беа фрапантни. Започнавме да собираме сознанија од искуствата на нашите колеги од регионот. Во тоа време во БЈБ работеа над 10.000 службеници. Крим техника ни побара возила караван, Одделот за обезбедување побара ескордни возила, Одделот за организиран криминал побара разновидни возила, а исто така различни барања побараа и другите возила. Ова денеска на рочиштето на предметот на СЈО познат како „Триста“ го изјави сведокот Тони Георгиев. Тој е поранешен заменик- директор при Бирото за јавна безбедност на МВР.

– Според мене имавме само еден мал пропуст во тендерот. Не наведовме која боја да се возилата. Една фирма од тендерот ни достави возила со жолта боја. Кога реагирав, бизнисменот од фирмата ми рече: „Млад господине, немавте во тендерот наведено каква боја да се возилата”. Во право беше човекот и пријателски си подадовме рака – рече Георгиев.

Нагласи дека имало жалба од претставникот на „Пежо“, но комисијата подоцна ги известила дека таа жалба е отфрлена, по што продолжила постапката за набавка на возилата. Дел од набавените возила биле дадени и на УБК за Одделот на прикриени операции, нагласи сведокот.

Случајот „Триста“ на СЈО се однесува на набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи. Според обвинението со оваа набавка бил оштетен буџетот на државата за сума од 453.570 евра. Обвинет е Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во Министерството за внатрешни работи.

Специјалното јавно обвинителство тврди дека Поповски тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот