Малер: Изборниот штаб на Трамп не соработувал со Русија на претседателските избори во 2016 година

EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Специјалниот обвинител Роберт Мaлер заклучил дека претседателот Доналд Трамп и неговата кампања не заговарале со Русија за влијание врз претседателските избори, се наведува во синоќа објавениот резимираниот извештај од јавниот обвинител на САД, Вилијам Бар.

Бар синоќа ги обелодени главните точки од истрагата на Малер во резимиран извештај за 22-месечната истрага поврзана со наводниот заговор на кампањата на Трамп со Русија.

На прашањето за тоа дали Трамп се обидел да ја попречи правдата со мешање или со обид да се осуети истрагата на Малер, Бар истакна дека „извештајот не заклучува дека претседателот извршил криминал, но исто така не го ослободува”.

Јавниот обвинител го испрати сумаризираниот извештај до Конгресот, при што се истакнува дека нема доволно докази да се заклучи дала Трамп направил кривично дело – опструкција на правдата.

Малер ја заврши истрагата за вмешаноста на Русија и го достави својот извештај до Министерството за правда во петокот.

Јавноста во САД бара истрагата за наводниот заговор на Трамп со Русија да се објави интегрално. Конгресот за тоа неодамна гласаше едногласно. Сепак, Бар има дискрециско право да не објавува делови од извештајот за кои се смета дека се доверливи.

Американските даночно обврзници платија 25 милиони долари за речиси двегодишната истрага на Малер чиј епилог е околу триесетина обвинети и осудени поединци.

Резимираниот извештај на Бар открива дека во текот на истрагата специјалниот обвинител ангажирал 19 адвокати и 40 агенти на ФБИ кои работеле со него, издал повеќе од 2,800 судски покани, разговарал со околу 500 сведоци и извел близу 500 претреси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот