Владината поддршка цела и без Села!

Владината поддршка цела и без Села!

518
SHARE
Фото Мета

Се шират гласини дека кон парламентарното мнозинство ќе се приклучи ДПА со двајцата пратеници, како и независните пратеници што веројатно ќе гравитираат околу владиното мнозинство, а тоа значи дека нема да се создаде поголем проблем со тоа што Алијансата повеќе нема да биде дел од коалицијата, сметаат експертите.

Пишува Мартин Богатиноски

Парламентарното мнозинство е кревко, но сепак стабилно, коментираат политичките експерти откако Зијадин Села одлучи неговата партија Алијансата за Албанците да ја напушти владината коалиција во знак на револт по одлуката на премиерот Зоран Заев да постави кадар на СДСМ да раководи со Министерството за здравство. Математиката покажува дека мнозинството во Собрание сега брои вкупно 60 пратеници, односно СДСМ и коалицијата имаат 59, ДУИ има 10, а тука припаѓа и Весел Мемеди од НДП, кој од неодамна ја напушти коалицијата со Села.

Аналитичарите велат дека бројката од 60 пратеници не е најдобра, но исто така не е опасна. Според нивните прогнози, во блиска иднина нема да има предвремени парламентарни избори, оти како што велат, владејачката коалиција ќе ги земе под своја закрила пратениците Чедомир Саздовски, кој излезе од ГРОМ и стана независен пратеник, како и Амди Бајрам, кој ја прекина соработката со ВМРО-ДПМНЕ. Од извори во СДСМ, пак, дознаваме дека поддршка на владините реформи се очекува и од двајцата пратеници од ДПА, а ако се реализираат овие најави, тоа ќе значи дека владиното мнозинство ќе има вкупно 64 пратеници или за двајца повеќе отколку во времето кога Села беше дел од коалицијата.

Избори нема да има

Власта сигурно ги имаше прецизно пресметано работите и ги знаеше точните прогнози уште пред да пристигне одлуката на Зијадин Села дали ќе остане или ќе ја напушти коалицијата, вели политичкиот аналитичар Андреја Стојковски.

– Ако излегувањето на Алијансата за Албанците од коалицијата претставуваше опасен чекор што би можел да ја загрози стабилноста на мнозинството, тогаш Владата воопшто немаше да дозволи да се збогува со својот досегашен партнер. Сега во игра се двајцата пратеници од ДПА, а исто така не треба да се исклучи ниту поддршката од пратениците Амди Бајрам и Чедомир Саздовски. Сметам дека наскоро ова мнозинство дополнително ќе се зајакне и владејачката коалиција во никој случај нема да си дозволи да влезе во нови предвремени парламентарни избори – вели Стојковски.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири, пак, во изјава за Радио Слободна Европа тврди дека Владата ќе продолжи беспрекорно да функционира со кревкото мнозинство и вели дека во скоро време нема да има нови избори.

– Поголемите владини партнери ги имаат направено пресметките за обезбедено мнозинство пред да се збогуваат со партијата на Зијадин Села. Има најава дека кон Владата ќе се приклучи ДПА со двајцата пратеници и независните кои веројатно ќе гравитираат околу ова актуелно мнозинство, па јас сметам дека нема да се создаде некаков поголем проблем со тоа што Алијансата повеќе нема да биде дел од коалицијата – вели Незири.

Слично мислење дели и Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања, кој изјави дека избори во 2018 година нема да се случат поради меѓународниот фактор, но и поради тоа што следната година треба да се направи пробив во евроатлантската интеграција.

– За парламентарни избори може да стане збор евентуално ако се одржат заедно со претседателските избори во 2019 година, а дотогаш Владата сигурно е безбедна – вели Божиновски.

Отворена соработка

СДСМ има стабилно мнозинство и во овој момент е отворена за соработка со сите партии, и со оние од власта и со оние од опозицијата, тврди генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски.

– Отворена врата за соработка имаме кон сите политички партии, дури и кон нашиот опонент. СДСМ во овој момент има стабилно парламентарно мнозинство затоа што демократијата е развиена и мнозинството пратеници ценат дека интересот на граѓаните е најважен – вели Кирацовски.

Тој не даде конкретен одговор околу преговорите со ДПА на Мендух Тачи да влезе во Владата, но рече дека секој пратеник може да се однесува онака како што мисли дека е најдобро.

– Секој пратеник во Собранието може слободно да се однесува според сопственото политичко убедување. Ние сме демократска власт, ние не шиканираме и не ги присилуваме пратениците да доаѓаат да гласаат, туку ги оставаме да го дадат гласот за она што реално ценат дека треба да биде изгласано – рече Кирацовски.

И претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека без оглед на случувањата кај власта и кај опозицијата, политичката состојба во државава е стабилна и како што рече, без оглед на можните дебати во Законодавниот дом, во работата ќе учествуваат сите политички партии.

Премиерот Зоран Заев, пак, посочи дека не планира да организира избори во 2018 година, бидејќи како што рече, тоа е година во која граѓаните треба да ги почувствуваат подобрувањата на политички план. Пред да го добие мандатот, Заев требаше кај претседателот Ѓорге Иванов да однесе потписи како услов тој да му ја довери можноста да состави влада. Тогаш тој однесе вкупно 67 пратенички потписи, бидејќи поддршката му ја дадоа и петте пратеници од Беса, но подоцна не се договорија за влегување во коалиција.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY