Денеска е Светски ден на дијабетесот: Невообичаени симптоми на дијабетес на кои треба да обрнете внимание

Фото: Pexels/Artem Podrez

Светскиот ден на дијабетесот беше создаден во 1991 година од страна на Интернационалната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација како одговор на зголемената загриженост од ескалацијата и заканата по здравјето што ја предизвикува дијабетесот. Светскиот ден на дијабетисот стана официјален ден на Обединетите нации во 2006 година со усвојувањето на Резолуцијата 61/225 на Обединетите нации и се одбележува секоја година на 14 ноември, роденденот на Сер Фредерик Бантинг, кој ко-открил инсулин со Чарлс Бест во 1922 година.

Под мотото „Соочени со предизвиците на дијабетесот во Македонија-дејствуваме пред да стане непоправливо“ денеска Сојузот на здруженија на дијабетичари ќе го одбележи 14 Ноември – Светскиот ден на дијабетесот.

Симптоми на дијабетес

Вообичаени симптоми на дијабетес се зголемена жед и потреба за уринирање, додека невообичаените симптоми на дијабетес вклучуваат болести на непцата или промени во слухот.

Колку побрзо се постави дијагноза, толку побрзо може да се започне и со лекување и со тоа да се придонесе за намалување на ризикот од развој на компликации. Токму затоа е важно да знаете кои се необичните симптоми на дијабетес на кои треба да обрнете внимание.

Пародонтоза

Пародонтозата е сериозна болест на непцата која доведува до повлекување на непцата што може да резултира со клатење или испаѓање на забите.

Пародонтозата е два до три пати почеста кај луѓето кои имаат дијабетес, отколку кај оние кои немаат. Не само што болеста на непцата е почеста кај дијабетичарите, туку кај нив и побрзо се развива и може да биде посериозна.

И додека дијабетесот може да ја влоши парадонтозата, таа исто така може да биде фактор на ризик за развој на висок крвен притисок, кој исто така, е фактор за дијабетес. Всушност, пародонтозата е поврзана со повисоки нивоа на A1Ц, кои го откриваат нивото на шеќер во крвта во последните три месеци.

Хроничното воспаление е една од главните карактеристики во напредувањето и на дијабетесот и на пародонтозата. Луѓето со дијабетес и пародонтоза имаат повеќе воспалителни маркери.

Воспалението кај дијабетесот може да биде фактор кој придонесува за уништување на коските што ги потпираат вашите заби. Ова губење на коскената маса го означува најсериозниот стадиум на пародонтозата, кога забите може да почнат да се нишаат или да паѓаат, пренесува „Хелт“ (Health).

Промени на кожата

Одредени промени на кожата може да бидат првиот знак дека имате дијабетес.

Еден пример е acanthosis nigricans, која се карактеризира со речиси кадифена, темна, често густа дамка на кожата која обично се развива во кожните набори, како што се задниот дел на вратот, пазувите (каде раката се среќава со рамото) и препоните.  Овие дамки може да се појават и на рацете, стапалата, лактите и колената.

Зголемувањето на нивото на инсулин може да предизвика црна акантоза. Инсулинот е хормон кој помага во транспортот на гликозата (шеќерот во крвта) во клетките за да им обезбеди енергија. Понекогаш клетките се спротивставуваат на инсулинот и, како одговор, се произведува повеќе инсулин. Зголемените нивоа на инсулин се показатели за отпорноста на инсулин (инсулинска резистенција), кој е претходник на преддијабетес и дијабетес тип 2.

Чести инфекции

Луѓето со дијабетес имаат зголемен ризик од развој на инфекции. Тoa може да вклучува бактериски инфекции како што се оние околу ноктите или фоликулите на влакната, како и чирови. Различни бактерии можат да ги предизвикаат овие инфекции, но најчеста е стафилокока.

Габичните инфекции исто така може да бидат почести. Најчесто, овие инфекции се предизвикани од габата кандида. Овие инфекции може да се манифестираат како чешање, лишаи, вагинална габична инфекција и атлетско стапало.

Честите инфекции може да се појават поради комбинација на високото ниво на шеќер во крвта што создава средина за раст на бактериите и го ослабува имунолошкиот одговор.

Едно од најчестите места на инфекција кај дијабетесот е уринарниот тракт. Ова може да биде затоа што дијабетесот го ослабува имунолошкиот систем или затоа што дијабетесот ги зафатил нервите до тој степен што мочниот меур повеќе не се празни целосно.

Промени во видот

Одредени промени во видот може да бидат знак дека ви е зголемен шеќерот во крвта. Вишокот шеќер може да ги оштети малите крвни садови во окото и да предизвика промени кои влијаат на јасноста на видот.

Некои од најраните промени на видот може да вклучуваат заматен вид или проблеми со читањето или гледањето предмети кои се далеку. Ако не се лекува, промените на видот може да се влошат и може да видите темни, лебдечки дамки или ленти.

Промени во слухот

Луѓето со дијабетес се исто така изложени на зголемен ризик од губење на слухот. Всушност, дијабетесот го удвојува ризикот од губење на слухот. Тоа е поради оштетување на нервите во ушите кое може да биде предизвикано од високо или ниско ниво шеќер во крвта.

Долгорочното високо ниво на шеќер во крвта може да ги оштети малите крвни садови и нервите во внатрешното уво. Долгорочното ниско ниво на шеќер во крвта може да го оштети начинот на кој нервните сигнали се испраќаат од внатрешното уво до мозокот.

Деца кои често уринираат во кревет

Децата кои се веќе научени да одат во тоалет и можат да спијат цела ноќ без незгоди, можат да почнат да уринираат во креветот неколкупати неделно. Оваа ситуација е позната како ноќно уринирање и може да биде знак за состојби како што е дијабетес тип 1.

Ноќното уринирање е всушност типичен симптом на дијабетес тип 1 кај децата, но родителите можеби нема автоматски да го поврзат со потенцијална дијагноза на дијабетес тип 1. Бидејќи појавата на симптомите на дијабетес тип 1 во младоста може да биде ненадејна и, ако не се лекува веднаш, ќе стане итна медицинска помош, тоа е важен симптом којшто треба да го имате на ум. Зголеменото уринирање обично е придружено со зголемена жед и глад, како и губење на тежината.

За крај, важно е да се нагласи дека ако почувствувате какви било симптоми на дијабетес, особено ако имате поголем ризик за болеста, посетете го вашиот лекар за да утврдите што ги предизвикува вашите симптоми. Раното откривање и лекување се важни за подобрување на квалитетот на животот, намалување на ризикот од компликации и продолжување или спречување на напредување на дијабетесот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот