Струмица: Мерната станица на пробна работа, а „експлодира“!

Струмица: Мерната станица на пробна работа, а „експлодира“!

99
SHARE

Според графиконот на Министерството за животна средина, Струмица е најзагадена во ноќните часови, кога концентрацијата на ПМ 10 честичките достигнува и 15 пати повеќе од дозволеното.

„Мерната станица за загадување на воздухот во моментот е во пробна работа и затоа параметрите добиени во овој период не треба да се земаат предвид“, пишува во соопштението на Општина Струмица во врска со информациите за енормното загадување со ПМ 10 честички во градот.

Соопштението е реакција на написите дека Струмица четири дена била најзагаден град во Македонија. Од воведувањето на мерната станица, концентрацијата на ПМ 10 честичките во Струмица постојано била над дозволените 50 микрограми на метар кубен. Локалните известувачи пишуваа дека според графиконот на Министерството за животна средина, Струмица е најзагадена во ноќните часови кога концентрацијата на ПМ 10 честичките достигнува и 15 пати повеќе од дозволеното, а за време на коледарските огнови достигнуваше и до 849 микрограми.

Од Министерството за животна средина тврдат дека мерната станица во Струмица официјално не е ставена во функција и резултатите не се веродостојни. Таму мерните инструменти сè уште не биле целосно калибрирани и адаптирани, имајќи предвид дека автоматската станица во Струмица била поставена на 4 јануари.

„Во моментов опремата сè уште се инсталира и се калибрира според утврдената методологија. Мониторинг-станицата е сè уште во тест-период на работа и податоците не треба да се земаат предвид“, информираше советникот за односи со јавност при Министерството, Сашо Секуловски.

Струмичани побараа мерки за ублажување на состојбите, а од здружението ,,Здрава котлина“ бараат надлежните да ги зајакнат контролите.

– Изненадени сме од високото ниво на загаденост иако не сме град со тешка индустрија. Ваквите резултати се загрижувачки и треба да се преземе нешто. Треба да се зајакнат инспекциските контроли, но и да се воведат рестрикции во сообраќајот по принципот пар-непар – вели Ѓорѓи Танушев од здружението „Здрава котлина“, за порталот Сдк.мк.

И штипскиот универзитет планира мерење во градот

Советот на Општината на седница пред Нова година донесе одлука за дозвола за инсталирање на мерна станица за аерозагадувањето. Паралелно, станица за мерење на квалитетот на воздухот планира да инсталира и штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ во дисперзираниот центар во Струмица.

„Заради транспарентност и отчетност, а со цел заштита на животната средина, во соработка со Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање, инсталиравме мерна станица за мерење на загадувањето на воздухот. Мерната станица за загадување на воздухот во моментов е во пробна работа и затоа параметрите добиени во овој период не треба да се земаат предвид. По завршувањето на баждарењето и калибрирањето на инструментите во мерната станица ќе можеме со сигурност да ги следиме отчитувањата и да бидеме сигурни дека загадувањето на воздухот на територијата на Општина Струмица е на повисоко ниво од дозволеното“, велат од Општината.

Од анализите, велат оттаму, е утврдено дека загадувањето на воздухот е највисоко во зимскиот период, а тоа произлегува од домаќинствата и од одредени големи потрошувачи кои употребуваат несоодветни фосилни горива (иверка, стар мебел, моторни масла, прехранбено масло, пластика, гуми и други несоодветни горива) за загревање на просторните капацитети.

„Со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните и да овозможиме чист амбиентален воздух, во периодот зад нас го почнавме проектот за гасификација на Општина Струмица. За да биде пример, Општината ги гасифицира сите институции“, велат од таму.

Локалната власт најави дека инспекциските служби засилено ќе го набљудуваат теренот и ќе вршат контроли.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY