Скопје ќе се стиши за Нова година

Скопје ќе се стиши за Нова година

283
SHARE

Од Општина Центар најавуваат дека планираат да организираат новогодишна програма, затоа што, како што велат, од многуте контакти и предлози на граѓаните констатирале дека голем број граѓани инсистираат центарци на едно место да ја дочекаат новата 2018 година.

Елена Вељановска

 

Поголем дел од скопските општини оваа година нема да издвојат ниту денар за да ги украсат улиците, објектите и јавните површини и на тој начин да им ги доближат новогодишните и божиќните празници на своите жителите. Освен тоа што нема да се украсува, според најавите од повеќето општини, нема да бидат организирани ниту новогодишни прослави за граѓаните колективно да ја испратат старата и да ја дочекаат новата година.

Скопјани кои се навикнати веќе градот да им „светка“ со огромен број украси, секојдневно се во исчекување на почетокот на украсувањето на скопските сообраќајници, објекти и зелени површини.

Во врска со украсувањето на градот, надлежните од Град Скопје, иако веќе е декември, не даваат конкретни информации од кога ќе започне украсувањето. Единствено што во моментов се знае е тоа дека е избрана фирмата што ќе го врши украсувањето, како и висината на средствата што ќе бидат потрошени за таа намена.

– Завршена е јавната постапка и потпишано е решението за избор за најповолен понудувач. За новогодишно украсување на главниот град ќе бидат потрошени околу 5 милиони денари или 80.000 евра – соопшти градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Освен пари за украсување, Град Скопје нема да издвои средства за централна новогодишна прослава, а средствата што биле планирани за организирање на дочекот ќе се донираат во добротворни цели на Клиниката за белодробни заболувања. Сепак, како што информираат од Град Скопје, предновогодишните празнични активности, како што се базар на ракотворби, дедомразовски трки како и детска програма, сепак ќе се одржат.

Меѓу општините коишто немаат предвидено ниту денар за новогодишно украсување се Аеродром и Центар, како и Општина Кисела Вода.

– Општина Центар нема да одвои ниту денар за новогодишно украсување, но за новогодишните и божиќните празнувања ќе биде украсено како и минатите години, на речиси истите места, но сето тоа ќе биде преку донации од заинтересирани граѓани. И оваа година општината ќе биде украсена во нејзините бои, бело и црвено – велат од Општина Центар.
Оттаму најавуваат дека планираат да организираат новогодишна програма, затоа што, како што велат, од многуте контакти и предлози на граѓаните констатирале дека голем број граѓани, инсистираат центарци на едно место да ја дочекаат новата 2018 година.

– Токму затоа ќе има новогодишен дочек со познати групи и пејачи. Имињата ќе бидат наскоро објавени, но напоменуваме дека ова нема да ја чини општината ниту денар, бидејќи веќе е договорено сето ова да оди преку донации – потенцираат од Одделението за односи со јавност на Општина Центар.

Единствена општина која директно од својот буџет има предвидено средства за разубавување на јавните површини пред претстојните празници е Општината Карпош, но како што информираат од таму, трошоците предвидени за таа намена ќе бидат значително помали отколку што се трошело за истата намена во текот на изминативе години.

– Оваа година од буџетот на Општина Карпош ќе бидат издвоени 2 милиони денари за новогодишно украсување. Целта е поскромно украсување на локалната самоуправа, во споредба со минатата година кога биле потрошени околу 7,5 милиони денари за новогодишни украси. Буџетот на Општина Карпош е во лоша кондиција, но направени се напори и оваа година граѓаните да ја почувствуваат новогодишната енергија и празничниот дух – информираат од Општина Карпош.

Поради слабата финансиска моќ на општинскиот буџет, во Општина Карпош нема да се организира новогодишна забава за карпошани, но како што велат, акцент ќе стават на организирање на предновогодишни и новогодишни забави за најмладите, кои ќе бидат од културно-едукативен карактер.
Акцент, според општинарите, ќе биде ставен на изненадувањата за најмладите, па поради тоа, предвидено е во пресрет на Нова година во сите градинки да ги заменат старите и дотраени играчки и реквизити, со нови, изработени од еко-материјали.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY