Шилегов: Овој Бадник без палење огнови низ Скопје

Шилегов: Овој Бадник без палење огнови низ Скопје

239
SHARE

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска присуствуваше на традиционалното собирање бадникови гранчиња, кое се одржа во месноста Говрлевска Краста, на јужните падини на Водно. Оваа прослава традиционално се одржува по 26-ти пат и е во организација на Здружението за традиционална прослава на Бадник.

На собирот градоначалникот ги повика граѓаните на Скопје да се воздржат од палењето отворени огнови за време на Бадник, апел којшто беше усогласен по петочниот работен состанок со градоначалниците на сите скопски општини. Тие донесоа заедничка одлука за забрана за доделување дрва од општините за таа намена, со цел да се спречи дополнително загадување на воздухот во главниот град.

– Апелирам до скопјани да не се палат огнови на отворено по повод прославата на божикните празници, со цел да ја заштитиме животната средина, а и да го заштитиме амбиенталниот воздух. Да се посветиме на иднината и да водиме сметка за здравјето на децата – посочи Шилегов.

Во друштво на скопскиот градоначалник, присуствуваа кумот за овогодинешната прослава, Влатко Огненовски – Шеф, овогодинешниот здравичар, Стефан Хаџи Николов – Штеф, минатогодишниот кум Радко Манов, како и повеќе поранешни кумови, здравичари и свештени лица од МПЦ.

Присутните ги поздрави скопскиот градоначалник и им се заблагодари на членовите на одборот за прослава на Бадник којашто со години наназад ги обединува и ги зближува граѓаните на Скопје. Тој им посака успешна организација, а на граѓаните на Скопје им пожели добра забава и пријатна празнична атмосфера.

– Ја продолжуваме традицијата на пресекување на бадникови гранчиња во пресрет на големите христијански празници Бадник и Божик. Традиционално тука, на падините на Водно, во месноста Краста, со пресекување на бадниковите дабови гранчиња кои се симбол на радоста и среќата, започнуваат подготовките за прославата на Бадник – изјави градоначалникот Шилегов.

(МИА)

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY