Неодговорните сопственици и државата поопасни од кучињата

Неодговорните сопственици и државата поопасни од кучињата

355
SHARE
Фото: skopjeinfo.mk

Одговорност Вината за страшните напади, здруженијата за заштита на животните ја лоцираат во недоволната грижа на сопствениците и на надлежните институции, во непочитување на законите и во потребата од нивно подобрување.

„Овчарите мора одговорно да се однесуваат кон кучињата, така што од мали ќе ги социјализираат со луѓето. Се смета дека кучињата не гледаат добро. Кога пред едно овчарско, несоцијализирано куче, ќе има  дете, кучето гледа нешто што се движи во ранг на неговата висина и тогаш го третира како непријател и го напаѓа“, Јован Кисковски, дресер на кучиња

Весна Дамчевска

Трагичната смрт на четиригодишниот Џеваир, кој по неколку денови во неискажливи маки почина од страшниот напад од овчарски кучиња, што се случи во кичевското село Бачишта, ја потресе македонската јавност. Ова е веројатно најстрашниот случај на напад од кучиња забележан досега, кој однесе еден млад живот. Но она што е евидентно во последно време, е дека полициските извештаи имаат сè повеќе случки каде што луѓе се нападнати од кучиња.

Активистите на здруженијата за заштита на животните, дресерите и ветеринарите,  вината за овие страшни случки ја бараат во недоволната грижа кај сопствениците и надлежните институции, како и во непочитување на постојната законска регулатива и во потребата од нејзино надополнување.

Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ изрази длабоко жалење за смртта на малиот Џеваир и потенцираше дека повеќе од кога и да е чувствуваат потреба повторно да го посочат причинителот на зголемениот број бездомни кучиња што се на улиците.

Од „Анима мунди“ нагласуваат дека најголем причинител за бездомни животни е човекот, кој ги размножува неконтролирано, а потоа ги исфрла на улица, но оваа постапка останува неказнета од страна на институциите.

За да не се повторат вакви страотни несреќи, од клучно значење е спроведување структуриран и комплексен систем, кој опфаќа услуги од законодавен, образовен, правен и здравствен аспект. Оттаму посочуваат дека нема забележливи резултати од институциите што користат народни пари, за да се намали бројот на бездомните кучиња, како и да се едуцира населението за позитивен соживот меѓу луѓето и животните.

„Анима мунди“ бара со закон да се дефинира задолжителна стерилизација кај бездомните кучиња, формулирање законска рамка што ќе санкционира неодговорно сопствеништво – напуштање и неконтролирано размножување на милениците, како и доследна примена на законите.

Доколку, пак, се почитуваше и сегашната законска регулатива, многу од страшните настани немало да се случат. Ниту овчарските кучиња што шетале по селото, ниту домашните кучиња, не смеат да се шетаат на јавни места слободно, без да бидат врзани.

Кучињата кога се на јавно место, треба да бидат врзани на поводник, освен кога се на јавни места каде што е дозволено кучињата слободно да се движат во придружба на своите сопствeници. Исклучок се ловечки кучиња за време на лов и овчарски кучиња што придружуваат стадо, односно тие  не мора да бидат врзани на поводник, предвидел законодавецот.

Овчарските кучиња стануваат сè поголема закана за луѓето со кои ќе дојдат во допир, оценува дресерот Јован Кисковски, сопственик на „Киско дресура и пансион“.

– Не може овчарот да каже ова е овчарско куче и да не го социјализира со луѓето. Тој треба да го шета и во урбана средина, затоа што кога ќе дојде во допир со луѓе, може да се случи катастрофа, како и што се случува. Не смее ни слободно да го пушта низ село, тоа е спротивно на Законот за заштита и благосостојба на животните. Кучињата се животни, тие во себе имаат предаторски инстинкт, тоа им е во генетиката. Ако не се социјализираат,  инстинктот кај овие кучиња во природа може да се поттикне. Кучето мора да се научи дека човекот не му е непријател, во спротивно, тоа во него може да види непријател и да го нападне – вели Кисковски.

Според Законот, сите домашни кучиња треба да бидат регистрирани, пријавени, на портата мора да има видлив знак дека има куче, ако кучињата се користат за репродукција, мора да се пријави леглото во овластена ветеринарна амбуланта, а продавниците што продаваат миленичиња мора да ја чуваат евиденцијата за продажбата најмалку три години.

Сегашната регулатива предвидува забрана за напуштање миленик. Во сите случаи предвидени се парични казни со различна големина, но како што алармираат здруженијата за заштита на животните, тие остануваат само на хартија.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

two × 1 =