Канта-пазарот и стационарот за кучиња ќе се селат од Вардариште

Канта-пазарот и стационарот за кучиња ќе се селат од Вардариште

260
SHARE

Вардариште е како „атомска бомба“ во Гази Баба. Планираме целиот тој простор да се исчисти. За канта-пазарот ќе се одреди некоја друга локација, вели градоначалникот Борис Георгиевски.

Пишува Анета Стојковска

Канта – пазарот што се наоѓа на некогашната депонија Вардариште ќе се дислоцира следната година, а со него најверојатно и стационарот за бездомни кучиња за кого се размислува за локација надвор од градското подрачје. Општина Гази Баба планира тој простор да го исчисти и да го зазелени.

Дивиот пазар, кој порано се наоѓаше под Кале и од каде пред четири години тогашната општинска власт на Центар едвај го исели, беше преселен на Вардариште. Сега пазарот, лоциран меѓу неколкуте фирми специјализирани за отпад и стационарот за кучиња, е сместен на широк простор преполн со ѓубре и е потенцијален извор за зараза и за оние кои продаваат таму и за оние кои пазаруваат. Сликата на пазарот е ужасна: производите се изложени на церади распослани по земјата, околу нив ѓубре, ќеси и пластични амбалажи, кучиња кои душкаат по ѓубриштето и по некој изнемоштен коњ што служи за транспорт на стоката до пазарот и назад.

Вардариште е како атомска бомба во Гази Баба

Во вторник и петок, и покрај смрдеата и нечистотијата, стотици граѓани доаѓаат тука да купат нешто старо, сочувано и евтино. Се продава се и сешто, од компјутери и телевизори, делови за автомобили, канти, до облека и обувки. Никој не прашува ни од каде се производите што се нудат, ниту колку ќе траат. Едните гледаат да заработат некој денар за семејството – другите да поминат што поевтино.

– Вардариште е како атомска бомба во Гази Баба. Планираме целиот тој простор да се исчисти. За канта- пазарот ќе се одреди некоја друга локација, која ќе биде средена и чиста, ќе се постават тоалети, па ќе се изврши дислокација. Во спротивно, колку и да ги бркаме, луѓето повторно ќе се враќаат – вели градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

Тој објаснува дека добил поддршка од сите градоначалници за дислокација на стационарот за кучиња надвор од градот, затоа што смета дека местото не му е во Гази Баба.

Дислокација на пазарот на пролет

Дислокацијата на дивиот пазар би започнала некаде во февруари – март, а моментално во тек е изработка на план за активности за 2018 година. Градоначалникот вели дека на просторот на некогашната депонија не можат да се градат згради и објекти, но затоа ќе се исчисти и ќе се зазелени.

– На левата страна на реката Вардар, поточно на насипот на потегот од мостот „Близнаци“ до село Идризово, ќе бидат изградени велосипедска и пешачка патека, во должина од 8 км, кои ќе бидат осветлени и ќе бидат облагородени со зелени површини – објаснува Георгиевски и додава дека сака Гази Баба да ја направи чиста и зелена општина.

Деновиве, како што тврди првиот човек на Гази Баба, се мапираат црните точки и дивите депонии низ градот, а неделава би требало да започне координирана акција на сите општини, Град Скопје и на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ за нивно чистење. За чистење на дивите депонии, според Георгиевски, ќе бидат ангажирани околу 1.200 луѓе, дел од нив граѓани и активисти, се со цел градот и општините да се ослободат од ѓубрето и од загаденоста и така почисти да влезат во претстојната година.

 

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY