Чавков фатен во лага, „Ериксон“ вели опремата во УБК не е не...

Чавков фатен во лага, „Ериксон“ вели опремата во УБК не е не нејзина сопственотст

5864
SHARE

Се огласи производителот на опремата за прислушување во УБК

Компанијата „Ериксон“ викендов излезе со официјално соопштение во кое наведува дека не е сопственик на опремата, ниту оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите.

„Законското пресретнување на комуникации е задолжителна и стандардна функционалност во мрежите на јавната телефонија и телеком операторите и земјите во светот се обврзани да овозможат таква функционалност за локалните власти. „Ериксон“, како производител на телефонски системи и опрема, исто така, е производител на системи за законско пресретнување“, пишува во соопштението на компанијата.

„Ериксон“ информира дека на 19 октомври добила барање од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), по судска наредба од Основниот суд Скопје 1 во Скопје, за техничка асистенција заради истрага и во врска со функционалноста на законското пресретнување на комуникации и додаде дека понатамошни информации треба да се бараат од СЈО.

На ноќната прес конференција минатата недела директорот на БЈБ Митко Чавков, заедно со дополнителниот заменик министер Оливер Андонов и директорот на УБК, Владимир Атанасовски, ја убедуваа јавноста дека СЈО и Катица Јанева манипулираат и ја загрозуваат безбедноста на државата.

Тие тврдеа дека податоците кои СЈО ги бара со судска наредба не можат да ги обезбедат, бидејќи системот за следење на комуникациите не е во сопственост на УБК и потребно е да дојде претставник од производителот „Ериксон“ за да ги извади податоците.

– Навистина сакаат да создадат перцепција дека некој во УБК ги опструира, а од системот самите сфатија дека не може да ги извадат податоците, односно да направат експорт на податоци. Тој систем не е сопственост на МВР, на УБК, сопственост е на операторот и само овластено лице од него може да пристапи до тој систем. Се уверија во тоа и испратиле писмо до операторот за да добие овластување нивниот претставник во Македонија – изјави Чавков минатата недела.

Коментирајќи ги овие информации професорот Ѓорѓи Спасов, близок на СДСМ, на својот профил на Фејсбук рече дека станува јасно дека јавноста е излажана дека треба да се чекаат експерти на „Ериксон“ за да овозможат пристап до потребните податоци од системот за следење на комуникациите.

„Кој ја смисли лагата со потребната техничка помош од Ериксон и го одложи спроведувањето на судскиот налог? Нели е тоа попречување во спроведувањето судски налог, опструкција на правдата и ќе биде ли побарана одговорност од некого за ова мајтапење со народот“ – праша јавно Ѓорѓи Спасов.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY