Брнабиќ би била „билет“ за Европа, а Дачиќ „отворена врата“ кон Москва

Брнабиќ би била „билет“ за Европа, а Дачиќ „отворена врата“ кон Москва

140
SHARE

Министрите Дачиќ и Брнабиќ би можеле да отпаднат од комбинациите ако СНС инсистира партијата да ја задржи премиерската функција.

Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ или министерката за државна управа Ана Брнабиќ се најсериозните кандидати за нов премиер на Србија, откако новоизбраниот претседател Александар Вучиќ и официјално ќе ја преземе новата функција.

Весникот „Вечерње новости“ тврди дека сѐ уште актуелниот премиер Вучиќ на овие двајца соработници го стеснил изборот за назначување негов наследник, а како евентуален „адут од сенка“ се спомнува министерот за финансии Душан Вујовиќ. И весникот „Данас“ не исклучува изненадување при номинирањето нов премиер.

Како главните аргументи за предавање на владата на Брнабиќ се истакнува нејзината стручност, ангажираност и добрите резултати во секторите што ги води во владата, но не се заборава ни нејзината лојалност кон Вучиќ, иако не е членка на неговата Српска напредна партија (СНС). За социјалистот Дачиќ се укажува дека веќе бил премиер, а и дека остварил добри контакти низ светот како министер за надворешни работи.

Но, тие би можеле да отпаднат од комбинациите ако СНС инсистира партијата да ја задржи премиерската функција. „Вечерње новости“ пишува дека завршниот збор во изборот ќе го има Вучиќ и оти неговата одлука не мора да се поклопува со желбата на партијата.

Изворите на „Данас“, пак, го посочуваат Дачиќ како фаворит, но оти би ја добил улогата „вршител на должноста“. Весникот укажува дека Дачиќ како прв вицепремиер само шест месеци би ги спроведувал премиерските должности и оти нов премиер би бил назначен по парламентарните избори во Германија во септември.

Српските медиуми се согласуваат дека од одлуката на Вучиќ ќе зависи и дали како наследник на Томислав Николиќ ќе заземе посилна проевропска и проатлантска политика.
Поставувањето на лојално лице, како Брнабиќ или Зоран Михајловиќ, на премиерската функција се толкува како порака дека ќе продолжат преговорите со Приштина под покровителство од ЕУ, како и дека Белград ќе настојува претседателот на Република Српска, Милорад Додик, да не го попречува евроинтеграцискиот процес на Босна и Херцеговина.

Назначувањето на Дачиќ, пак, за премиер би се толкувало како обид на Вучиќ „да ја остави отворена вратата кон Русија“.

Некои од изворите на „Данас“ велат дека Вучиќ ќе направи „големо изненадување“, поставувајќи за премиер лице што сега не е во владата на Србија, како поранешниот министер за правда Никола Селаковиќ.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

4 + five =