Технологија за добро: Осум реални проекти на Бреинстер кои дадоа придонес на заедницата

Бреинстер

Специјалната олимпијада на Македонија, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Универзитетското студентско собрание – УКИМ, граѓанската иницијатива Донирај компјутер, еко-стартап за рециклажа и многубројни други образовни, здравствени и добротворни организации добија нови, технички напредни веб-страници, мобилни апликации и видеа, креирани од талентираните студенти на Бреинстер (Brainster).

Во соработка со партнери-донатори, Бреинстер постојано го иновира образованието и своите образовните програми, нудејќи пионерски хибридни можности за учење кои им овозможуваат на студентите самостојно да ја управуваат својата образовна оска, со индивидуално темпо преку флексибилна и достапна средина за учење.

Водечката македонска едукативно-технолошката организација, која деновиве го одбележува својот осми роденден, преку својот професионален тим „Партнерства“ им овозможува практична работа на своите студенти, учество на хакатони, но и можност за вработување. Студентите од академиите на Бреинстер, но и од првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), уште за време на студиите добиваат пракса, контакт со компаниите или организациите, но и реална можност да дадат придонес на заедницата.

Бреинстер соработува со над 150 компании од нашата земја и од странство. Благодарение на оваа практика, се бележат дури 734 вработувања на студенти, само во последните две и пол години.

„Соработуваме со компании што се подготвени да ги доверат своите продукти на нашите студенти. Преку овие ангажмани студентите не само што се стекнуваат со технички и практични вештини, туку и учат како да соработуваат со колеги од други технички позадини, како да читаат зададен бриф или спецификација од клиент, како да презентираат понуда пред клиенти и најважно од сѐ – како да примат и да дадат конструктивен фидбек. Сакаме да обезбедиме лесна транзиција од фаза на учење кон професионална средина и вработување во ИТ-индустријата“, вели Јана Тодоровска, тим лидер на „Партнерства“ во Бреинстер.

Таа додава дека студентите работат на најразлични проекти, но дел од нив се т.н. технологија за добро, односно дигитални решенија што придонесуваат за доброто на општеството и на организациите на кои навистина им е потребно.
Во продолжение е избор на топ осум реални проекти, со кои заедницата на Бреинстер даде значен придонес во општеството.

Брендинг и веб-страница за Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“

Студенти од Академијата за графички дизајн и од Академијата за UX/UI дизајн на Бреинстер изработија брендинг и веб-страница за Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје. Оваа клиника имаше потреба од брендирање за јасно претставување на услугите што ги нуди на пациентите. Како резултат на нивната трансформација од општа градска болница во хируршки центар, на болницата ѝ требаше зацврстување на идентитетот и видливоста за пациентите.

„Побаравме помош од Бреинстер за студентите да изработат решение од кое сите ќе имаме бенефит. Тие учат на реален проект, ние добиваме решение со кое ќе го кренеме нивото на препознатливост на болницата. Ова е само почеток на нашата соработка и ние сме презадоволни од решенијата на студентите“, вели директорот на болницата д-р Љубен Арсенков.

Апликација за еко-организацијата REDI рециклажа

Во рок од 48 часа, повеќе од 120 студенти – учесници на најголемиот хакатон организиран од Бреинстер, изработија за мобилна апликација и интерна апликација за REDI и REDI рециклажа. Оваа иновација ќе ја поврзе организацијата со домаќинствата, ќе им го организира пристапот до селектираниот отпад на нивните формални собирачи (зелените агенти) и ќе им помогне поефикасно да комуницираат меѓу себе.

Идејата е со дигитализација на услугата за бесплатно собирање на неопасен отпад како хартија и пластика, собирачите на отпад да се поврзат со заедницата и на достоинствен начин да го прибираат селектираниот отпад. Студентите направија и целосна маркетинг и едукативна кампања и дизајн на кантите за отпадоци. На овој креативен предизвик учествуваа студентите на Бреинстер од академиите за дигитален маркетинг, графички дизајн, UX/UI дизајн и проект и продукт менаџмент.

„Предизвикот не беше воопшто тежок, бидејќи како компанија негуваме висока свесност за значењето од заштита на животната средина, а оваа иницијатива е токму тоа. Идејата беше со дигитализација на услугата за бесплатно собирање на неопасен отпад како хартија и пластика, собирачите на отпад да се поврзат со заедницата и на достоинствен начин да го прибираат селектираниот отпад“, велат од Бреинстер.

Покрај тоа, студентите подготвија и целосна маркетинг и едукативна кампања и дизајн на кантите за отпадоци.

„Добивме платформа што ги едуцира граѓаните да селектираат правилно, ја зголемува нивната свесност и ја олеснува работа на собирачите преку добивање на податоци за местата од каде да собираат отпад. И самите граѓани имаат можност да аплицираат директно и да добијат пристап до нашите услуги за да може собирачите да ги посетат во домовите“, рече Асиб Зекир, извршниот директор на Зелени иницијативи и REDI рециклажа за решението што го добија од Бреинстер.

Дизајн за јубилејот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Одбележувањето на 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и 120 годишни од издавањето на книгата „За македонцките работи“ беше доволен предизвик овие два значајни јубилеи Бреинстер да ги поддржи со изработка на дизајн на постер и видео.

Задачата им припадна на студентките од Академијата за графички дизајн Ива Милчова, Љубица Атанасова, Миле Митев, Ангела Пановска, Бојана Давитковска и Габриела Манова.

„Во текот на работата имавме можност да согледаме дека тимот на Бреинстер, не само нам, туку и на своите студенти, им нудат безрезервна поддршка, насочувајќи и охрабрувајќи ги во работата. Позитивниот однос кон клиентите и кон студентите, почитта кон секого и тимскиот дух се нивни клучни двигатели, кои ги одликуваат како посебен бренд“, вели директорката на Институтот, д-р Елена Јованова-Грујовска за искуството од работата со Бреинстер.

Веб-решение за Специјална олимпијада Македонија

Еден од најзначајните општествено одговорни проекти на студентите на Бреинстер е веб-решението за Специјална олимпијада Македонија. Проектот започна на Академијата за UX/UI дизајн, каде што студентите беа задолжени да ја направат веб-страницата како и целосниот UX/UI дизајн. Откако беше одбрано победничкото решение, проектот продолжи на 48-часовен хакатон на Академијата за Front-End програмирање и Академијата за Full-Stack програмирање, каде задача на студентите

„Од голема важност при дизајнот ни беше страницата да биде едноставна и достапна за лицата со попреченост како и нивните најблиски“, појаснуваат студентите на Академијата за UX/UI дизајн.

Специјална Олимпијада Македонија е невладина организација која ги сервисира потребите на лица со интелектуална попреченост, со цел нивна интеграција во општеството преку спорт и рекреација. Преку овој проект, ќе се овозможи непречена комуникација и споделување на информации за успесите на здружението.

Креативен редизајн на веб-страницата за Донирај компјутер

За непрофитната организација Донирај компјутер, студенти од Академијата за UX/UI дизајн добија задача да направат редизајн на веб-страницата.

„Покрај промоција на работата на Донирај компјутер и на луѓето и компаниите кои се дел од оваа хуманитарна иницијатива, главна цел беше веб-страницата да биде доволно јасна и едноставна за сите оние на кои им треба компјутер или сакаат да донираат компјутер. Да има јасна и лесна форма за пријавување на учесници, доволно информации за мисијата на Донирај компјутер за секој кој ќе пристапи до страна“, изјавија студентите за искуството од работата на овој проект.

Советувалиште за заштитата на личните податоци

На овој хакатон, студентите работеа на изработка на веб и мобилна апликација наменета за едукација на младите во полето на заштита на лични податоци и користење на податоци онлајн.

Хакатонот произлезе како дел од проектот на Швајцарска амбасада – „Поддршка на изборни реформи“ имплементиран од Меѓународната фондација за изборни реформи (IFES).

Студентите од Бреинстер кои беа победници на овој хакатон имаа можност и јавно да го презентираат победничкото решение наречено Safeblink. Веб-платформата Safeblink, преку кратки едукативни видеа, илустративни упатства и разни совети ги советува младите сѐ што треба да знаат за заштитата на личните податоци и како одговорно да ги оставаат своите податоци онлајн.

Веб-платформа за Универзитетското студентско собрание

Во насока на обезбедување на подобар пристап до универзитетската управа за нивните колеги од државните универзитети, студенти од Академијата за Front-End на Бреинстер изработија веб-платформа за Универзитетското студентско собрание – УКИМ.

Оваа платформа, им го олеснува пристапот до потребните информации и документи на студентите кои студираат во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а воедно им дава и можност да бидат во тек со активностите на ССУ, кое функционира во рамките на Универзитетот. Платформата може да служи како посредник меѓу студентите и институциите, како и за искажување на проблемите со кои се соочуваат во текот на студиите.

Редизајн на веб-страницата на СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“

Студентите на Академијата за UX/UI дизајн неодамна направија редизајн на веб-страницата на скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Студентитете понудија голем број на креативни решенија, а за победничко беше избран предлогот на Харалампиј Хаџи Спироски, Оливер Вељаноски и Кристина Василевска. Тие дадоа нови функционалности на сајтот и дадоа решение со цел да се олесни користењето на страницата. Тие изработија почетна страница каде што е прикажан кадарот и наставата, а од особено значење беше да се претстави Кариерниот центар и настанот „Просветилка“ којшто се одржува секоја година и истиот е организиран од учениците.

Иако листа на работа на реални проекти за заедницата е многу подолга, наведените ангажмани ја претставуваат суштината на мисија на Бреинстер – да направи промена и да одговори на потребите на организации и иницијативи кои не секогаш ги имаат потребните ресурси за вистинско претставување на нивната работа до пошироката јавност.

Од 2015 година, па наваму, преку иновативните образовни програми на Бреинстер поминаа над 11.500 студенти, кои се стекнаа со нови знаења и вештини на 21 век. Успешната приказна се дополнува и со отворање на Бреинстер Некст колеџ, како и интернационалното проширување во Албанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот