Спорт или омраза

Една седмица од шверцерската прослава во МНТ. Шверцерска, не само бидејќи беше јубилејна прослава на навивачката група „Шверцери“, туку и бидејќи сè уште не се знае кој ја организирал и кој ја дозволил прославата, не се знае големината на штетата и последиците, ниту кој ја предизвика и кој профитираше од целата работа. Но, да почнеме со ред.

Правно гледано, малку е веројатно дека некој ќе сноси сериозни последици. Проблемот е во тоа што немаме јасно дефиниран организатор на настанот, а секој обид за индивидуална одговорност за настан кој не бил пријавен, ќе биде подложен на сериозно оспорување од страна на адвокатите. Видливо беше оштетувањето на дел од инвентарот и иако однесувањето беше дивјачко – демолирањето и покрај штетата од 4.000 евра, беше оскудно и можеше да помине многу, многу полошо.

Вистинската штета на прославата не беше ниту кривично-правна, ниту материјална, туку станува збор за нешто многу поопасно и подеструктивно. Вистинската штета е во конфликтниот потенцијал што ваквите настани го имаат, како и во индоктринацијата која е претпоставка за нив.

Прво – реакциите во одбрана на „шверцерите“: театарот не бил ниту сдсмовски, ниту вмровски, ниту пак македонски – туку на сите граѓани на оваа држава и сите тие, вклучувајќи ги и Албанците и „шверцерите“, и имаат еднакво право да слават. Да, имаат. Ама не е поентата во тоа, другари.

Поентата е дека не треба да се организираат културни или какви било прослави во културни установи за луѓе што своето славје го гледаат преку уништување или оштетување на имотот во тие установи. Имам многу пријатели што не се ниту сдсмовци, ниту вмровци, ниту Македонци, кои биле во театарот. Ниту еден од нив не се качил на столовите, не скандирал говор на омраза, не го оштетил имотот. Значи, проблемот е однесувањето, а не учесниците.

Второ – политичката осуда, говорот на омраза и одмаздата: за поздравување е брзата и осудувачка реакција на ВМРО-ДПМНЕ во однос на „шверцерите“. Но би ги прашал зошто не го осудија однесувањето на „комитите“ во Ѓорче Петров или, пак, нападите на „шверцерите“ врз ЛГБТИ-центарот за поддршка во Скопската чаршија, пред неколку години. Главните реакции не беа институционални, туку партиски – ДУИ во агресивна одбрана, а ДПМНЕ во агресивна осуда на настанот, дури и јавно прикажувајќи слика дека албанските навивачи уживаат повластена положба во земјава.

Така, овие партии успеаја да мобилизираат дел од членството, наметнувајќи се како решение за проблемот што самите го создаваат. Што можеби би било во ред доколку решенијата што ги нудат навистина водат кон помирување и надминување на несогласувањата. Наместо решенија, граѓаните добија дополнителна изложеност на агресивен шовинизам, говор на омраза и реална закана од насилни инциденти. Велам реална закана, бидејќи уште наредниот ден, полицијата во Скопје се судри во неколку наврати со членови на навивачката група „Комити“, кои организирано се обиделе да се упатат кон десната страна на Вардар. Не сум уверен дека оделе со намера да им го честитаат роденденот на „шверцерите“.

Мораме да признаеме – иако навивачките групи постојат поради љубов кон спортот и клубот – тие многу често се користат за партиски потреби и подгревање етнички тензии. Јас не се сеќавам на протест или настан што бил насилен, каде немало активно учество на навивачките групи. Ќе почнам од протест што е нераскинливо врзан за нашата кауза – 5 мај 2016 година. Иако протестот беше цело време тензичен, насилството почна кога дојдоа членови на навивачките групи. Ќе продолжам со протестите во Ѓорче, протестите за „Монструм“, на Кале, „За заедничка Македонија“, „Бојкотирам“ и многу, многу други.

Партиите и политичките структури што профитираат од овие конфликти се свесни дека не можат да ја одржат лојалноста со овие групи само на спортска основа и затоа свесно и плански во идеологијата на овие групи внесуваат и етнички, националистички, религиски, па дури и партиски елементи. Како резултат на тоа – идеологијата на овие навивачи одамна не е само спортска. Сум присуствувал на натпревар во кој навивачка група скандираше говор на омраза против играч на својот тим само поради неговата различна етничка припадност. Таму идеологијата воопшто не беше спортска, туку идеологија на омраза.

Европските држави имаат многу поголеми проблеми со насилното однесување на навивачите. Но најголемиот дел од тие конфликти се засноваат на спортска идеологија и, иако дел од нив имаат расистичка, речиси ниту еден нема партиска заднина. Затоа, тие држави можат посветено да работат на вистинско справување со овој проблем –  преку проекти на активна соработка со самите навивачки групи каде фокусот е ставен на навивање без омраза.

Додека имаме моноетнички партии и моноетнички политики – ќе имаме субјекти кои ќе профитираат од етнички конфликти. Етничките конфликти имаат потенцијал за брзи политички поени, па затоа овие субјекти никогаш нема самите да ги тргнат своите шепи од спортот и навивачките групи. Сè додека ова се случува, во Република Северна Македонија никогаш нема да има реална волја за справување со овој проблем.

Затоа, доста е! За клуб се навива со љубов, а не со омраза и евтино политичко профитирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот