Средба на Џафери со словачкиот амбасадор Мартин Безак

Средба на Џафери со словачкиот амбасадор Мартин Безак

136
SHARE

Претседателот на Собранието на Република Македонија,  Талат Џафери, денеска го прими во проштална посета амбасадорот на Словачката Република во Република Македонија, г. Мартин Безак.

Средбата мина во пријатна и срдечна атмосфера на која претседателот на Собранието изрази искрена благодарност за огромната билатерална поддршка што Словачката Република ја дава на Република Македонија во справувањето со мигрантската криза, преку конкретна материјална и човечка помош. Словачка Република, како и другите држави од Вишеградската група, ја препозна сериозноста на кризата и понуди соодветна помош во справување со последиците, бидејќи Република Македонија ги бранеше границите за Словачката Република, но и за цела Европа. Истовремено, беше поздравена досегашната поддршка што Словачката Република ја дава на Република Македонија на планот на нејзината интеграција во Европската Унија и НАТО.

Амбасадорот Безак истакна дека Република Македонија има искрен и стабилен партнер во неговата држава, партнер кој и на билатерално и на мултилатерално ниво и во иднина ќе дава континуирана поддршка на евроатланската интеграција и стабилност на земјата на меѓународен план. Тој посочи дека нивниот врвен дипломат, г. Мирослав Лајчак, е претседател на Генералното собрание на ОН и Република Македонија може да смета на стабилна поддршка таму. Покрај тоа, наредната година Словачката Република го презема претседавањето со Вишеградската група, а од 2019 година и претседавањето со ОБСЕ. Овие меѓународни форуми претставуваат широк простор за лобирање и решавање на актуелни прашања кои се во доменот на меѓународната мултилатерална и билатерална дипломатија и во истите Словачката Република цврсто ќе ги брани интересите на Република Македонија.

Амбасадорот Безак информираше и за започнување на Меѓународниот проект „Национална конвенција за Европската унија“. Тоа е проект кој мошне успешно се применува веќе неколку години во сите држави од регионот на Западен Балкан, освен во Република Македонија и Република Косово. Проектот дава стручна и компетентна помош во процесот на започнувањето на преговори со Европската комисија и е инклузивен форум кој ги опфаќа сите сегменти на државата – државните институции, граѓанското општество, бизнис заедницата, религиозните институции и, досега, неговото беспрекорно функционирање покажа видливи и позитивни резултати. Следниот месец се очекува официјално отпочнување на Проектот за Република Македонија во Скопје, по што ќе следат серија активности за негова имплементација.

Претседателот на Собранието, г. Џафери, изрази силна поддршка за Проектот и истакна дека Собранието на Република Македонија и понатаму ќе остане отворена институција за секаков вид иницијативи со кои се унапредува меѓународната позиција на државата и се зацврстуваат нејзините внатрешни капацитети. Изрази готовност за предлогот дел од активностите на овој Проект да се реализираат во Собранието на Република Македонија, бидејќи Проектот е за граѓаните на Република Македонија, а Собранието е нивен дом.

Соговорниците разговараа и за повеќе други актуелни прашања, како и за следните приоритетни активности на Собранието по завршувањето на локалните избори. Беше констатирано дека парламентарната дипломатија дава широки можности за унапредување на поблиска интерпарламентарна дипломатија, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на пратенички групи за соработка.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY