Молк од надлежните по трагичната смрт на Седад Асановски: Митингот на коалицијата на...

Молк од надлежните по трагичната смрт на Седад Асановски: Митингот на коалицијата на ВМРО поважен од животот на симпатизерот

5841
SHARE
AFP PHOTO / ROBERT ATANASOVSKI

Семејството Асановски тврди дека никој од надлежните не ги известил за несреќата, туку во нивниот дом стигнало телото на починатиот и тоа не истиот ден кога настрадал.

Не стивнуваат реакциите на јавноста по трагичната смрт на Седад Асановски. Тој минатиот понеделник тргнал на митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, но по пат, кај селото Колари, кога излегол на пауза од автобусот, бил прегазен од комбе. На социјалните мрежи, постојано кружи прашањето: „Колку вреди човечкиот живот?“ и се упатуваат остри критики на сметка на сопартијците на Асановски, кои си продолжиле со автобусот, оставајќи го неговото безживотно тело на асфалтот.

Приказната излезе во јавноста откако во петокот телевизија 24 вести ја обелодени трагичната вест. Братот ѝ се пожалил на телевизијата дека семејството нема никакви детали за смртта на Седад и дека телото не им било предадено истиот ден кога се случила сообраќајната несреќа.

Семејството на Асановски тврди дека никој од ВМРО-ДПМНЕ, чиј симпатизер бил починатиот, не тропнал на нивната врата за да изјави сочувство.

– Таа вечер еден негов пријател го викнал да му прави друштво за митингот во Охрид. Возел автобус од Шутка. Застанале на Стража и не знам дали автобусот бил виновен или комбето не било паркирано на добро место. Го преминувал патот, наишло комбето, го удрило и останал на место мртов. Никој од страна на власта не дојде да ни изрази сочувство. Тоа е срамота. Стока да се утепа, па треба да се извести, а не човек да се остави така – рече во изјава за 24 вести Бари Асановски, брат на починатиот Седад.

Семејството Асановски

Тој тврди дека институциите не побарале од нив ниту дозвола за обдукцијата што била направена. Биле во огромен шок и неверување кога телото на Седад било донесено во нивниот дом.

– Без никаков потпис била извршена обдукција. Тој ден доцна дојдов дома, фамилијата беше под стрес, тоа беше голем шок. Проблемот е што немаме никаква информација од државата – вели Асановски.

Од ВМРО-ДПМНЕ нема јавен коментар за настанот во кој загина човек што тргнал да оди на митинг на партијата. Очевидци од Колари за 24 вести изјавија дека телото на настраданиот Асановски три часа останало на асфалтот откако заминал автобусот во кој бил.

Во информацијата од МВР не беше споменато каде патувал Асановски, туку дека станувало збор за групен превоз. „Околу 18 часот на магистралниот пат Гостивар – Кичево се случила сообраќајна незгода во која Н.С (52) од Тетово, управувајќи ‘мерцедес’ со скопски ознаки, удрил во пешакот С.А. (40) од Скопје. Во незгодата, пешакот починал на самото место“, пишува во билтенот. Јавното обвинителство објави дека работи на расчистување на случајот.

Од Хелсиншкиот комитет посочија дека семејството на починатиот може да побара правна помош за расветлување на овој случај.

– Ние бевме шокирани кога видовме дека лицето било оставено да лежи на патот, а автобусот продолжил кон Охрид. Тоа не нè изненадува, бидејќи сме сведоци дека политичките интереси се над човечките. Изненадени сме зошто не останале на местото на настанот да ја почекаат полицијата – изјави од Хелсиншки комитет.

Асановски беше погребан во средата.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY