Иванов го гази Уставот и купува време за Груевски

Иванов го гази Уставот и купува време за Груевски

839
SHARE

„Требаше Иванов да побара од Груевски гаранција за тоа дали обезбедил мнозинство, а потоа да му го даде мандатот, вели Тито Петковски

Во овој период меѓуетничките односи ќе се стават во преден план и ќе се создаде состојба во која актуелната влада ќе контролира уште едни парламентарни избори.

Мими П. Шушлеска

Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов нема никаков коментар за обвинувањето дека постапил спротивно на Уставот затоа што мандатот за формирање влада му го дал на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, без претходно да добие од него гаранции дека има поддршка од доволен број пратеници.

Познавачите коментираат дека со овој потег Иванов уште еднаш покажа дека наместо државните, ги брани интересите на партијата, сè со цел да се одолговлекува формирањето влада, за актуелната да организира уште едни парламентарни избори.

Уставот недоречен

Нашиот Устав е јасен дека мандат добива човекот што ќе обезбеди мнозинство во Собранието, односно 61 пратеник, вели Тито Петковски, лидер на НСДП.

– Иванов требаше да побара гаранција од Груевски за тоа дали обезбедил мнозинство, а потоа да му го даде мандатот. Но тој постапи спротивно на Уставот, на моралот и на јавниот морал. Не смееше да се случи ова. Ова оди во функција на одолговлекување на формирањето на владата и ако може во меѓувреме да се случи некоја вонредна околност во државата или некои попаметни да попуштат и да почнат да прават компромиси или некој да се корумпира. Тоа неа врска ниту со Уставот ниту со принципот за кој Груевски зборува – вели Петковски.

Тој очекува дека, како што Иванов до последниот ден чекаше да го даде мандатот, така и Груевски до последен ден ќе го одолговлекува формирањето на владата.

– Во овој период меѓуетничките односи ќе се стават во преден план и ќе се создаде состојба во која актуелната влада ќе контролира уште едни парламентарни избори – вели Петковски.

Тој вели дека, ако Груевски го врати мандатот, Иванов мора да му го даде на СДСМ.

– Треба да се даде шанса на вториот да направи влада. Иванов е обичен слуга на Груевски и тој постапува по сценариото напишано од Груевски – вели Петковски.

Се оди на одолговлекување

Лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека претседателот Иванов повторно покажа дека е кадар на ВМРО-ДПМНЕ и дека го штити партискиот интерес, а не интересот на граѓаните и на државата.

– Го прекрши Уставот бидејќи не доби гаранција од идниот мандатар дека има обезбедено мнозинство. Иванов наместо да му го даде мандатот на Груевски, требаше да побара прво тој да му презентира дека има мнозинство. Тој тоа не го направи. Уште поголема небулоза е дека не може мандатот да се даде на некој друг што ќе покаже дека има мнозинство. Очигледно дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ оди на одолговлекување, да нема нова влада и тие повторно да организираат избори – вели Трајанов.

Од кабинетот на Иванов втор ден молк. Нема одговор на прашањата поврзани со давањето на мандатот, ниту, пак, има одговор на прашањата дали Иванов направил консултации со партиите пред да го даде мандатот, дали добил од Груевски гаранции дека може да формира влада, како ќе постапи ако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира влада, дали мандатот ќе го даде на Зоран Заев или на некој друг што ќе покаже дека може да обезбеди мнозинство.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

5 × five =