Заев: Приватниот сектор двигател на идниот раст и развој на регионот

Заев: Приватниот сектор двигател на идниот раст и развој на регионот

104
SHARE
Фото: МИА

Поддршка и охрабрување на целата деловна заедница од регионот да инвестира, да се шири, да се вмрежува, даде македонскиот премиер Зоран Заев на завршната прес-конференција со која се означи крајот на дводневнот Самит100, што се одржуваше вчера и денеска во Скопје.

– Идниот раст и развој на регионот ќе оди токму преку приватниот сектор. Го охрабривме развојот на приватниот сектор. Ги охрабривме сте бизнисмени кои учествуваат, а тоа беа над 150, да вложуваат повеќе во регионот, да отворат нови работни места, да го зголемат БДП во целиот регион, кој мора да биде над пет отсто доколку сакаме да станеме дел од Европската унија, истакна македонскиот премиер на заедничката прес-конференција со премиерите на Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, Еди Рама, Денис Звиздиќ и Душко Марковиќ.

Тој потеницира дека овие два дена се направени обиди за консолидација, заеднички настапи, а се разгледани и секојдневните проблеми со кои се соочува бизнис заедницата.

– Балканот не може повеќе да биде буре барут. Балканските земји и целата Југоисточна Европа се двигатели на развојот. Ние треба да работиме рамо до рамо со ЕУ и ваквите иницијативи се мошне корисни за севкупното добро на граѓаните и бизнис заедницата, рече Заев.

Тој нагласи дека е позитивно доколку ваквите средби се прошируваат со нови учесници, меѓу кои може да бидат и Бугарија и Грција.

Одговарајќи на новинарско прашање премиерот Заев рече дека ќе вложи напор да бидат прифатени барањата на бизнис заедницата за олеснување на транспортната комуникацијата, со цел да се намалат застоите на границите за полесен проток на луѓе и стоки.

Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ изјави дека овој самит бил фокусиран на прашањата за подобро искористување на природните ресури на земјите во регионот, зголемување на домашните инвестици, но и привлекување странски со цел да се реши најважниот макроекономски проблем, отворање нови работни места, особено за младите.

– Економката соработка и регионалното поврзување треба да останат како приоритети на сите влади на подрачјето на Западен Балкан. Свесни сме за нашата одговорност и треба да одиме во насока на интеграција на самите земји од регонот, кој потоа таков интегриран ќе оди кон европските интеграции. Тоа е задача на нашите влади, порача Звиздиќ.

Премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ истакна дека на Самитот е заклучено дека ќе се продолжи практиката на директни разговори и интевзивни средби, со цел да се зголеми меѓусебната доверба.

– Сето тоа во насока да ја оствариме нашата цел да го подобриме животниот стандард на нашите граѓани, рече тој и додаде дека особено е дадена поддршка за странските инвеститори, бидејќи без „нивните пари, искуство и знаење не може да има раст на нашата економија“.

Албанскиот премиер Еди Рама, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што порачал на средбата со лидерите на албанските партии во Македонија во врска со вториот круг од изборите, рече дека средбата немала никаква врска со локалните избори.

– Таа средба немаше никаква врска со изборите. Изборите се случуваат овде, тоа е работа на партиите во Македонија. Албанија и јас лично немаме врска со ова прашање. Изборите се спроведуваат во нашата соседна пријателска држава Македонија, рече Рама.

На Самитот учествуваа над 150 бизнис лидери од Словенија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, БиХ, Албанија, Србија и Косово, а клучна тема беше поврзувањето меѓу земјите од регонот на сите нивоа. На Форумот беше потпишан Меморандум за меѓусебн разбирање и соработка на самитската платформа со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY