Турската амбасада ја одбележа годишнината од неуспешниот пуч

Турската амбасада ја одбележа годишнината од неуспешниот пуч

249
SHARE

Амбасадорката Тулин Еркал Кара рече дека со жалење мора да констатира дека ФЕТО сè уште има свои организации и во Македонија, и покрај барањата на Турција против нив да се преземат конкретни мерки.

Во Скопје завчера се одбележа првата годишнина од неуспешниот обид за државен удар во Турција, чиј домаќин беше турската амбасадорка во земјата, Тулин Еркал Кара. На комеморацијата, Владата ја претставуваа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за здравство Арбен Таравари и министерот без ресор Аднан Ќахил, а покрај нив беа присутни и амбасадорот на САД Џес Бејли, претставници на дипломатскиот кор, претседатeли на политички партии, како и претставници на граѓанскиот сектор. Иако беше најавено дека на настанот ќе присуствува и премиерот Зоран Заев, тој не се појави на прославата, која во дел од македонската јавност се оценува како контроверзна.

Амбасадорката Кара во својот говор рече дека 15 јули е „извонредна приказна за храброста искажана од турскиот народ против извршителите на обидот за државен удар, терористичката организација ФЕТО“. Амбасадорката рече дека со жалење мора да констатира дека ФЕТО сè уште има свои организации и во Македонија, и покрај барањата на Турција против нив да се преземат конкретни мерки.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски во изјава за порталот Сдк.мк рече дека за овие барањата на Турција

„Владата ќе ги бара решенијата исклучиво во рамките на законските прописи на Република Македонија“.

Контроверзната прослава на неуспешниот државен удар наиде на жестоки реакции во јавноста. Јавни личности и организации се огласија со осуди на ваквиот начин на одбележување на настанот, како на фактот што тој беше рекламиран на билборди, така и на третманот што му го даде Владата.

Ердоган е обвинет од речиси сиот модерен политички и граѓански свет дека под превезот на контроверзнот пуч спроведе чистка на неистомислениците и воведе формална диктатура. Со измени во Уставот, на претседателот му е овозможено да издава декрети. Стотици илјади граѓани од кои сите критичари на Ердоган се прогонувани, истражувани, апсени, затворани, отпуштани и исчезнати, а во земјата не постои слобода на говор.

„Најостро го осудуваме бизарниот чин на прослава и агресивна кампања, која бесрамно го прикажува актот на брутално насилство, окупација и диктатура како победа на демократијата. Ја повикуваме македонската и меѓународната јавност да ѝ се придружи на оваа осуда“, вели организацијата „Цивил“ во своето соопштение по повод прославата, во кое исто така се изразува силна поддршка за активистите за човекови права, за медиумските работници и за сите слободољубиви граѓанки и граѓани на Турција, кои се залагаат за демократија, слобода и владеење на правото.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

seven − six =