Треска на саботната вечер со „Рудиментал“ на „Д Фестивал“!

Треска на саботната вечер со „Рудиментал“ на „Д Фестивал“!

135
SHARE
Пасфорд продукција

Седмото издание на „Д Фестивал“ кое деновиве во полн ек се одвиваше во Дојран, уште во петокот на првиот фестивалски ден беше одбележано со еуфорична атмосфера и една од најпосетените вечери на Фестивалот досега, а завчерашниот ден пак успеа да го надмине и тоа остварување со кулминација на фестивалската атмосфера и бројот на фестивалската публика.

Овој ден го одбелажаа исклучителни концертни настапи во музичката програма, а очекувано саботната треска на „Д Фестивал“ кулминираше со настапот на британските ѕвезди „Рудиментал“ кои со својот глобално докажан диџеј сет и нивните најголеми светски хитови, на главната сцена ја приредија најеуфоричната журка на Фестивалот досега! На оваа сцена, вечерта започна со жестокиот настап на македонската рок-група „Блек енд вајс сошл клаб“ (The Black And Vice Social Club), вистинско уживање за музичките сладокусци беше концертот на групата „Теракафт“, пустинските блузери кои пристигнаа на „Д Фестивал“ со Караванот на мирот од Мали, додека пак шведската џез-електронска сензација „Кооп Оскар оркестра“ (Koop Oscar Orchestra) приреди исклучително квалитетен концерт со кој го донесе совршениот летен звук под отвореното небо во Дојран.

Покрај главната сцена, во саботата фестивалските посетители целосно ги исполнија и подиумите на останатите сцени, на „Лејк Авејк“ (Lake Awake) со техно журката која ја приредија диџеите на „Мозаик“ колективот сѐ до раните утрински часови, а паралелно и на Браво Дојран сцената покрај брегот на Дојранското Езеро.

Вриеше од другарување и позитивна енергија и преку целиот ден со многу различни активности во програмата на ПлоштАРТ зоната, каде што меѓу најпосетените беа панел-дискусиите во чии рамки како говорници учествуваа и музичките ѕвезди на фестивалот, Ристо Вртев, Да Џака Накот, членовите на гостите од Мали, бендовите „Теракафт“ и „Али Фарка Туре Бенд“. Во посебно магична атмосфера деновиве уживаме и во „Чрч стејџ“ на „Д Фестивал“ каде што покрај музичките концерти завчера на Александар Пешевски и Емилија Славковска, се одвиваат и филмските проекции на Патувачкото Кино на МакеДокс. Досега на проекциите на МакеДокс на „Чрч стејџ“ беа прикажани документарните филмови „Мојот превртен свет“ на Петра Селишкар и Бранд Ферро, „Барајќи го Шугармен“ на Малик Бенџелул, „Депонија“ (Waste Land) на Луси Вокер на 14 јули и „Чија е оваа песна?“ на Адела Пеева и „Во потрага по Фела“ на Алекс Гибни, на 15 јули.

Единствената фестивалска атмосфера која го одбележува „Д Фестивал“ оваа година пристигна ден пред стартот на настанот со посетителите кои уште во четвртокот во огромен број го исполнија годинава распродадениот фестивалски камп, а од атмосферата која владееше на Фестивалот и која се прелева низ целиот град Дојран, општиот впечаток е дека имаме чест да сме дел од едно извонредно позитивно доживување и уникатна атмосфера каква што досега не сме виделе кај нас. И сето тоа благодарение токму на илјадниците прекрасни посетители на „Д Фестивал“ кои со своето расположение и здруженост за време на целото одвивање на Фестивалот му пркосат и на повремено дождливото време кое е апсолутно немоќно во исклучително позитивната енергија и фестивалска радост на „Д Фестивал“.

Вчера беше програмата за третиот и последен ден на годинашното издание, со богата музичката програма со која се одбележа финалето на „Д Фестивал“ 2017 со настапите на „Архангел“, „Али Фарка Туре бенд“, Проџект ракија, „Стринг форсес“ на главната сцена, „Месечинка“, „Си + Ер“, „Рап позитив“, Каин и Спектрум на сцената „Москито“, веќе попладнево настапија „Чалгија саунд систем“ во Чрч стејџ (Church стејџ) и транс журката за затворање на Фестивалот која се одвиваше на сцената „Лејк Авејк“ (LakeAwake) предводена од македонскиот најрепрезентативен прогресив-транс артист „Егоритмиа“, придружуван од диџеите Дуал резонанс, Модуал, Спирит архитект и Албиорикс!

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

sixteen − fourteen =