Сите што одат на протест, бесплатно ќе се возат во ЈСП?!

Сите што одат на протест, бесплатно ќе се возат во ЈСП?!

621
SHARE
Фото: Борче Поповски

„Забележано е опаѓање на бројот на присутни членови. Ве замолувам за утре да се ангажираме за зголемување на присутните. Сите што се вработени, задолжително да дојдат, а тие што не можат да се ослободат од работа, пријавете ги нивните работни места за да ги ослободиме. Се гледаме масовно во 16:40 часот пред Музејот на ВМРО. Информирајте ги членовите дека автобускиот превоз од 16 до 19 часот е бесплатен, односно нема да има контрола“.

Ваква СМС-порака деновиве кружи на социјалните мрежи, а наводно е испратена од претседателството на Унијата на жени во ВМРО-ДПМНЕ до членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквата порака предизвика револт кај корисниците на социјалната мрежа Фејсбук, кои прашуваа како е можно јавното претпријатие ЈСП да нуди бесплатен превоз за партиски поддржувачи.

Од ЈСП ги отфрлаат ваквите информации и велат дека бесплатен автобуски превоз може да се спроведе само ако градските власти донесат таква одлука.

– За да се спроведе бесплатен автобуски превоз, таа одлука треба да пристигне од Град Скопје. Засега немаме каква било информација за такво нешто, а тоа значи дека и контролорите ќе продолжат непрекинато да ја извршуваат својата работа – вели Билјана Јанкуловска, портпаролка во ЈСП.

Од Град Скопје тврдат дека нема да има бесплатен автобуски превоз во ниту еден период од денот.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, вели дека не добил ниту една информација дека членови на партијата договориле бесплатен превоз за поддржувачите на протестите од иницијативата „За заедничка Македонија“.

– Немам информација за такво нешто, иако сметам дека повторно станува збор за некакво лиферување лажни вести од страна на раководството на СДСМ, бидејќи нивниот страв е преголем и затоа не би било изненадување ако продолжат со единствената нивна стратегија за оцрнување и омаловажување на граѓанската иницијатива преку разни монтажи – вели Котевски.

Мартин Богатиноски

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

1 × 3 =