Шекеринска оддаде почит на одбележувањето на 10-годишнината од хеликоптерската несреќа кај Катлановско...

Шекеринска оддаде почит на одбележувањето на 10-годишнината од хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце

96
SHARE

Денеска на спомен-обележјата кај Катлановско Блаце, пред командата на Воздухопловната бригада во касарната во Петровец и во касарната Бутмир во Сараево беа положени венци со свежо цвеќе во спомен и почит кон припадниците на Армијата на Република Македонија, кои пред десет години загинаа при пад на армиски хеликоптер на враќање од мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на спомен-обележјето кај Катлановско Блаце порача дека денешниот ден е ден кога се одбележува жртвата на 11-те припадници на Армијата, но и ден на кој се потсетуваме колку голем ризик преземаат припадниците на АРМ и со нивната работа и со заштитата на безбедноста на државата, но и со учеството во мировните мисии. Дополни дека државата тоа мора да го цени, мора да го вреднува и да го наградува.

Шекеринска порача дека во разговор со дел од семејствата биле пренесени критики во поглед на истрагите за причините на падот на хеликоптерот. „Ја превземав обврската дека сите податоци, извештаи коишто се достапни во Министерството за одбрана, ќе бидат предадени на новиот јавен обвинител, доколку се уште постојат дилеми за кои што слушаме, околу причините коишто доведоа до трагедијата“, рече министерката.

Почит на загинатите припадници на АРМ им оддадоа и членовите на семејствата, како и делегации од Армијата на Република Македонија и од Кабинетот на Претседателот.

На спомен обележјето во базата Бутмир во Сараево, венец со свежо цвеќе положи заменик-министерот Беким Максути.

Хеликоптерот Ми-17 се урна на 12 јануари 2008 година. Во несреќата, животот го загубија потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY