Шекеринска – Креј: Силно и директно партнерство меѓу АРМ и Националната гарда...

Шекеринска – Креј: Силно и директно партнерство меѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт за поголеми искуства, знаења и капацитети

152
SHARE

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Министерството за одбрана се сретна со командантот на Националната гарда на државата Вермонт, од Соединетите Американски Држави, генерал-мајор Стивен Креј. Средбата се реализира во рамките на официјалната посета на генералот Креј на Република Македонија. На средбата присуствуваше и Амбасадорот на САД во Република Македонија, Н.Е. Џес Бејли.

Од двете страни беше изразено огромно задоволство од искреното партнерство кое трае веќе 22 години. Во периодот од 1995 па сè до денес со Националната гарда на Вермонт реализирани се повеќе од 850 активности на кои повеќе од 4.500 припадници на МО и АРМ имале можност да се запознаат со стандардите, тактиките и техниките на работење на Националната гарда на Вермонт, вооружените сили на САД и НАТО стандардите.

„Благодарение на оваа соработка, ги подигнавме стандардите на АРМ во согласност со стандардите на НАТО алијансата“, порача министерката.

Зборувајќи за нашата стратешка цел, членството во НАТО, министерката Шекеринска истакна дека Македонија смета на своите стратешки партнери, особено сега кога работиме забрзано и искрено кон членството во НАТО. „Македонија – членка на НАТО е заедничка цел зашто служи на двата крупни интереси – стабилен регион, но и стабилни и безбедни граѓани на Република Македонија“, додаде министерката.

Генералот Креј истакна дека од 70 партнерства на националните гарди на САД во светот, партнерството на Националната гарда на Вермонт и АРМ е еден од најуспешните примери на соработка која има неограничен потенцијал. „Стратегиското партнерство е навистина корисно за двете земји и ние сме горди за сè што успеавме да обезбедиме за Македонија, меѓутоа и за искуството кое ние го стекнавме овде во Македонија. Навистина сме горди и на успехот којшто го имавме во мисијата Феникс во 2010 година“, рече генералот Креј.

Тој порача дека интеграцијата на Македонија во НАТО е дел од целите на партнерството и дека во текот на посетата ќе се разговара за активностите кои што ќе се преземаат следните години, и за помошта во однос на членството во НАТО и останатите цели на државата. Генералот зборуваше и за поддршката во однос на изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како и надградувањето на капацитетите и помошта при справувањето со природни катастрофи, развојот на подофицерскиот кор, образованието и инженерските капацитети.

Воената контакт програма чиј дел е и соработката помеѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт произлезе од Меморандумот за соработка од 1994 година. Партнерството се базира на четири клучни области – стабилноста, демократизацијата, воениот професионализам и блиската соработка со НАТО. Во рамките на мисијата Феникс во Авганистан, во 2010 година, 79 припадници на АРМ беа целосно интегрирани во тимовите од Националната гарда на Вермонт и извршуваа најсложени задачи, рамо до рамо со своите американски партнери.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY