Ребалансот на маса, Зврлески во фиока

Ребалансот на маса, Зврлески во фиока

340
SHARE
Фото:сдк.мк

На седницата што траеше до 3.30 часот по полноќ беше усвоена Завршната сметка за 2016 година, а денеска на маса е ребалансот на Буџетот за годинава. Но, разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески е одложено на засега неодредено време.

 

Весна Дамчевска

Ребалансот на Буџетот денеска влегува во Собранието, на седница на Комисијата за финансирање и буџет. Седницата беше најавена уште пред една недела, откако Владата даде зелено светло за Измените и дополнувањата на Буџетот за 2017, но во меѓувреме требаше да се усвои Завршната сметка на Буџетот за 2016 година. Но, токму таа ги направи завршните проблеми во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се послужија со веќе познатото сценарио на маратонски реплики и контрареплики. Ова, пак, резултираше со маратонски седници, со работа ноќе и во сабота. Во меѓувреме мораше да се одложи расправата за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески. Продолжување на шестата собраниска седница на чиј дневен ред е Зврлевски не е закажана ниту за денеска ниту за утре.

Неочекуван пресврт

Во саботата, доцна попладнето, пратениците од опозицијата ненадејно се откажаа од репликите и Завршната сметка беше усвоена едногласно. Што ги предомисли пратениците, не е јасно. Според неофицијалните информации на телевизија „24“, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ваквата одлука ја донела откако спикерот Џафери се согласил да „паузира“ со точката за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието. Оваа точка која е поставена на дневен ред на истата седница со Завршната сметка, предвидува 5 потпретседатели на Собранието на Република Македонија. Таков предлог дал собранискиот спикер Талат Џафери кој е надлежен за тоа, согласно со собранискиот Деловник. Потпретседателите треба да бидат од различни политички партии застапени во парламентот. ВМРО-ДПМНЕ во изминатите денови јасно стави до знаење дека е против предложената бројка потпретседатели.

На истата собраниска седница, по усвојувањето на Завршната сметка за 2016 година беше разрешен генералниот секретар на Собранието Жарко Денковски и на негово место беше избрана Цветанка Ивановска од СДСМ.

Опозицијата реагираше поради тоа што мнозинството пратеници го одбија нивниот предлог за поставување повисоки критериуми при изборот на генерален секретар. Според Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот предлог бил за „департизација и професионализација на Собранието“.

Џафери како воспитувач

Од почетокот на работата на Собранието со новиот парламентарен состав, јавноста е сведок на постојаната „конструктивност“ во работата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во смислување начин како парламентот да се блокира. Но, исто така можеше да се види и подготвеноста на Џафери, со иста мера да одговори на темпото на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ се организираше во 10 пратенички групи, кои ја заземаа говорницата со цел да говорат, да си реплицираат и да бараат паузи. Пауза побараа и во петокот околу 23 часот, но Џафери го закажа продолжението во 1 часот по полноќ и ги држеше пратениците на седница сè до 3.30 часот.
Пратеникот Илија Димовски го обвини дека тоа го прави од инает и дека не е коректно.

– Колега Димовски, неколкупати барате коректна комуникација и коректни односи. Јас не знам каква коректност е 30 луѓе на секој говор да си реплицирате еден на друг. А од друга страна барате коректност – му одговори Џафери.
Пратеничката Владанка Авировиќ реагираше дека согласно со Законот за работни односи, не може да работат 24 часа.
– Собранието согласно со Уставот е во постојано заседание и кога ќе бидете уставен судија, тогаш толкувајте го – рече Џафери.

Не будете го заспаниот лав

Џафери се погрижи и да нема спиење на седницата закажана за еден часот по полноќ, па за пратениците постави фотографија на која беше нацртан знак за забрането спиење. Но, тоа не беше сè од него таа ноќ. Набргу залепи и фотографија од лав на која пишуваше: „Немојте да го будите заспаниот лав“. На неговиот компјутер остана да стои и фотографијата залепена во текот на претходниот ден на која на англиски јазик пишува: „Тишина, ве молам“.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Иван Иванов иронично му предложи на Џафери да постави и друга фотографија.

– Инспиративни се овие слики и баш ми се појави идеја како би изгледала слика за забрана на пуч во Собрание – рече Иванов, на што Џафери му одговори да не се грижи, затоа што и таа фотографија ќе биде набавена.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY