Проштална средба на Џафери со словачкиот амбасадор Безак

Проштална средба на Џафери со словачкиот амбасадор Безак

49
SHARE

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска го прими во проштална посета амбасадорот на Словачката Република во РМ, Мартин Безак.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери на средбата изразил искрена благодарност за огромната билатерална поддршка што Словачката Република и ја дава во справувањето со мигрантската криза, преку конкретна материјална и човечка помош.

– Словачка Република, како и другите држави од Вишеградската група, ја препозна сериозноста на кризата и понуди соодветна помош во справување со последиците, бидејќи Република Македонија ги бранеше границите за Словачката Република, но и за цела Европа. Истовремено, беше поздравена досегашната поддршка што Словачката Република ја дава на Република Македонија на планот на нејзината интеграција во Европската Унија и НАТО, се вели во соопштението.

Амбасадорот Безак истакнал дека Република Македонија има искрен и стабилен партнер во неговата држава, партнер кој и на билатерално и на мултилатерално ниво и во иднина ќе дава континуирана поддршка на евроатланската интеграција и стабилност на земјата на меѓународен план.

Тој посочил дека нивниот, како што рекол, врвен дипломат Мирослав Лајчак, е претседател на Генералното собрание на ОН и Република Македонија може да смета на стабилна поддршка таму.

Покрај тоа, наредната година Словачката Република го презема претседавањето со Вишеградската група, а од 2019 година и претседавањето со ОБСЕ. Овие меѓународни форуми претставуваат широк простор за лобирање и решавање на актуелни прашања кои се во доменот на меѓународната мултилатерална и билатерална дипломатија и во истите Словачката Република цврсто ќе ги брани интересите на Република Македонија.

Амбасадорот Безак информирал и за започнување на меѓународниот проект „Национална конвенција за Европската унија“.

– Тоа е проект кој мошне успешно се применува веќе неколку години во сите држави од регионот на Западен Балкан, освен во Република Македонија и Република Косово. Проектот дава стручна и компетентна помош во процесот на започнувањето на преговори со Европската комисија и е инклузивен форум кој ги опфаќа сите сегменти на државата – државните институции, граѓанското општество, бизнис заедницата, религиозните институции и, досега, неговото беспрекорно функционирање покажа видливи и позитивни резултати. Следниот месец се очекува официјално отпочнување на Проектот за Република Македонија во Скопје, по што ќе следат серија активности за негова имплементација, се вели во соопштението.

Претседателот на Собранието изразил силна поддршка за проектот и истакнал дека институцијата со која тој раководи и понатаму ќе остане отворена за секаков вид иницијативи со кои се унапредува меѓународната позиција на државата и се зацврстуваат нејзините внатрешни капацитети.

Изразил готовност за предлогот дел од активностите на овој Проект да се реализираат во Собранието на Република Македонија, бидејќи, како што рекол, тој е наменет за граѓаните на Република Македонија, а Собранието е нивен дом.

Соговорниците разговарале и за повеќе други актуелни прашања, како и за следните приоритетни активности на Собранието по завршувањето на локалните избори.

Било констатирано дека парламентарната дипломатија дава широки можности за унапредување на поблиска интерпарламентарна дипломатија, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на пратенички групи за соработка.

(МИА)

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY