Прилеп: Базенот, елитната населба и стаклената пирамида останаа само на хартија

Прилеп: Базенот, елитната населба и стаклената пирамида останаа само на хартија

266
SHARE

На четириесетина дена пред локалните избори, партиите финишираат со откривањето на имињата на кандидатите со кои ќе ја трчаат изборната трка. Кога станува збор за градот под Марковите Кули, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ сѐ уште не ги откриле своите адути, но извесно е дека изборот на Никола Груевски за Прилеп ќе биде актуелниот градоначалник Марјан Ристески.

Пишува Зоран Милошески, Прилеп

Доколку тоа се случи, Ристески по четврт пат ќе излезе на мегдан со кандидатите од противничкиот табор. Во изминатите 12 години тој важеше за градоначалник кому популизмот му беше главен знак за препознавање и кој не штедеше ниту на време, ниту на пари за постојано да ги истакнува своите „достигнувања“. Меѓутоа, Ристески ќе остане запаметен и по големите ветувања за економски препород на градот и по големиот број проекти во најава кои никогаш не го здогледаа светлото на денот.

Од десетиците празни ветувања кои Ристески ги даде во изминатите 12 години, ќе ги издвоиме трите „најзвучните“ кои беа најавувани речиси во секој нов изборен циклус.

Затворен олимписки базен

Ветувањето за изградба на затворен олимписки базен Ристески го даде уште во далечната 2005 година. Базенот требаше да се гради во прилепската населба „Вишне“ на местото каде некогаш се наоѓаше Зоолошката градина. Првичните најави беа дека базенот ќе чини 5,5 милиони евра и ќе биде граден со средства од буџетот на Владата, за да подоцна се ретерира од тој став со објаснување дека истиот ќе го гради приватен инвеститор.

„Кога станува збор за затворен базен, проектот е влезен во Влада заедно со други седум општини во Македонија. Проектот не е откажан, но поради светската економска криза е стопиран, меѓутоа ние нема да чекаме тоа да биде решено со пари од буџетот на Владата, брзо ќе објавиме тендер за приватен инвеститор и изградба на затворен олимписки базен. Нашата работа во Општината ја завршивме, бидејки истиот е внесен во деталниот урбанистички план“, изјави во една прилика Ристески.

Светската економска криза заврши, завршува и неговиот трет градоначалнички мандат. Не само што од ветениот базен нема ни трага ни глас, туку на местото каде требаше да се гради во меѓувреме „никна“ фудбалско игралиште со вештачка трева.

Елитна населба „Градина“„На површина од 41,4 хектари проектирани се 424 градежни парцели, од кои 369 со површина од 250 квадратни метри до 1.000 квадратни метри за индивидуално, а 24 за колективно домување со максимална висина на објектите од приземје плус 9 ката плус поткровје. Во населбата ќе никнат и мали деловни објекти, големи трговски центри со дополнителни сместувачки капацитети како и кино сали, галерии, кафетерии, основно училиште, објекти за спорт и рекреација…“.

Така пред 6 години беше замислена и помпезно најавена населбата „Градина“, проектирана за 13.000 жители. Според „визијата“ на градоначалникот Ристески, таа требаше да се гради според „европски критериуми, со широки улици, паркови, тротоари, пешачки зони и велосипедски патеки“.

„Ние бевме малку визионери и малку понапред гледавме од другите општини, направивме една огромна населба со преку 400 – 500 локации за изградба на куќи. Ние сме спремни. Тоа е внесено во Генерален и Детален план, се продава земјиштето. Исто така помина и тендерот и веќе се гради инфраструктурата во населбата „Градина“, ќе се гради комплетно канализација, водовод, асфалтирање, електрична енергија, да не си дозволиме како порано што се градело во градов или пак неурбанизирани населби, што понатаму отежнува околу изведување на комплетната инфраструктура, а тој проблем го имаме овие генерации“, рече градоначалникот Ристески во едно од своите ретки обраќање пред членовите на општинскиот Совет.

Фотографијата најдобро кажува како денес изгледа „елитната“ населба „Градина“. Наместо ветените булевари и трговски центри, изградена е една единствена куќа до која не постои ниту пристапен пат. Сѐ останато околу неа е празна ливада. Ветувањата за комплетно инфраструктурно уредување на просторот се далеку од реализација, заради што голем број од граѓаните кои склучиле договори за купување на парцели за изградба на индивидуални станбени згради, истите ги раскинале.

Стаклена пирамида со планетариум„Со средства од локалната самоуправа, во централното градско подрачје ќе се гради стаклена пирамида со планетариум и 3Д кино, која ќе претставува вистинска атракција. Изградбата на планетариумот ќе започне во втората половина од 2012 година и ќе чини 1,5 милиони евра. Дел од парите за овој проект ќе ги обезбеди Општината, а остатокот ќе се обезбеди преку јавно-приватно партнерство. Објектот ќе се гради на плоштадот „Александрија“ и ќе се користи за културни настани“, тврдеше градоначалникот на Општина Прилеп Марјан Ристески.

Денес, длабоко навлезени во средината на втората половина од 2017 година, стаклената пирамида со планетариум и 3Д кино никој повеќе не ја ни споменува.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

2 × 1 =