Премиерот Заев на Самит 100: Поврзувањето е клучниот збор во регионот и...

Премиерот Заев на Самит 100: Поврзувањето е клучниот збор во регионот и тоа доби на интензитет во Скопје

187
SHARE

Претсдателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со своите гости премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Душко Марковиќ, и со Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, д-р Денис Звиздиќ, денеска учествуваше на панел дебата на манифестацијата Самит 100, собир на најголемите и највлијателни претставници на бизнис заедницата на земјите од Западен Балкан.

Во своето обраќање на дебатата на тема „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар?“, премиерот Заев истакна:

„Дозволете ми, во мое име и во име на Владата на Република Македонија, да ги поздравам претставниците на бизнис заедницата од регионот. За нас е особена чест што имаме можност да се обратиме на овој Самит 100, пред деловните луѓе заради тоа што верувам дека не само владата што јас ја предводам, туку и сите други влади во регионот вложуваат многу во економскиот раст на нашите земји, кој се заснова на растот и на развојот на бизнис заедницата, приватниот сектор и приватните инвестиции.

Државата може да помогне многу, но ако бизнис заедницата оди напред, тогаш и ние политичарите можеме да покажеме добри резултати пред нашите гласачи, пред нашите граѓани.

Јас се согласувам дека целиот овој регион премногу долго чека за нашето полноправно членство во Европската Унија, но истовремено се согласувам и дека и ние самите мораме да преземеме дејствија, сите ние од регионот, ако сакаме навистина, колку што е можно побргу да го доближиме стандардот на живот на нашите граѓани од целиот регион до стандардот на животот на земјите од Европската Унија.

Во таа насока, сите премиери од Западен Балкан, но проширено и со Хрватска, Словенија и другите земји што го помагаат овој процес, работиме на унапредување на целата регионална соработка заради тоа што сме убедени дека и западна Европа ќе нè почитува повеќе ако бидеме поединствени, посплотени и ако покажеме поголема соработка помеѓу компаниите, а со тоа и помеѓу земјите од регионот.

Оваа прилика, што ја овозможи Самит 100, да бидеме овде, е порака на единство што ја испраќаме и ние, како и вие, деловните луѓе. Владата на РМ веќе вгради регионални концепти во својата програма за поддршката на инвестициите кои доаѓаат од регионот бидејќи ги сметаме за домашни компании. Јас се надевам дека деловните луѓе ќе ја искористат оваа можност на одлична соработка помеѓу владите од регионот, како егзекутива и поддршка на иницијативите на бизнис заедницата. Како влади на земјите што ги претставуваме можеме многу да им помогнеме на сите иницијативи и стратегии што ќе ги подготвува и спроведува бизнис заедницата.

Овие инцијативи, ваквата регионална поставеност, каква што ја покажува Самит 100, претставува одлична можност и нè мотивира и нас, премиерите на владите, да бидеме конкретни во поддршките заради тоа што наша цел мора да биде Европа да ја донесеме во регионот, зашто само така, ЕУ ќе нè прифати како рамноправни членки на унијата, и кога нашиот стандард и нашата мобилност ќе бидат барем приближно до стандардите во овие сфери во ЕУ.

Верувам дека во таква насока се движи овој наш регион. Сакам да ги охрабрам бизнис луѓето дека ние како влади полагаме надежи во развојот и растот што доаѓаат од приватната иницијатива и приватниот сектор. Ние можеме да ги помогнеме јавните инвестиции, но регионот ќе напредува само ако напредува и приватнот бизнис.

Затоа, искрено, сметајте на целата наша поддршка за раст и развој на целиот наш заеднички регион.

Премиерот Заев, и неговите гости, и истовремено учесници на регионалниот собир на бизнис заедницата на Самит 100, потоа одржаа прес конференција, на која Претседателот на Владата на Република Македонија, нагласи:

„Денеска, јас и моите пријатели и колеги од Албанија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, сме тука за да ја изразиме нашата целосна подршка и охрабрување на целата деловна заедница од регионот заради тоа што сите ние полагаме надежи за раст и развој кој треба да дојде преку растот и развојот на приватниот сектор. На овој самит имавме една плодна дискусија, за којашто се надевам дека ги охрабри сите бизнисмени од регионот да вложуваат повеќе во нашите земји, да бидат уште поиницијативни и да отвораат нови работни места и да учествуваат во зголемувањето на бруто домашниот производ.

Овој регион мора да оди со раст од 5 проценти за да се доближиме до стандардите на ЕУ, а нашите најдобри ресурси за тоа се бизнис секторот и деловната заедница.

Разговараме за консолидирање на нашите економии, за заеднички настап и за преокупации кои се секојдневна грижа на деловната заедница и за тоа дека ќе настојуваме заедно со претставниците на компаниите да најдеме начини да остварат профит токму во овој регион, да инвестираат во овој регион и да извезуваат од овој регион.

Нашите влади се овде за да го поддржат тоа. Балканот веќе не треба да биде „буре барут“ како што важеше во минатото. Балканот, сите земји овде и цела југоисточна Европа, ќе бидат двигатели на развојот, заедно со земјите на ЕУ, и јас сум убеден дека со вакви иницијативи како што е Самит 100, со присуство и активна улога на политичарите од извршната власт, може многу да се направи за севкупното добро на граѓаните за кои ние политичарите работиме, а секако, и за бизнис заедницата како двигател на севкупниот раст и развој.

На прес конференцијата на премиерите присутни на Самит 100, се обратија и премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, и Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, и сите тие едногласно ги поздравија исклучително позитивните аспекти на собирот на бизнисмените од регионот.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY