Нови избори носат само нови заострувања

Нови избори носат само нови заострувања

246
SHARE
Фото: Слободен Печат

Радикализација Ако има нови избори, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесуваат порадикално, па според тоа, новите избори нема да донесат ништо добро за земјава.

Втора шанса Нови избори посакува и ВМРО-ДПМНЕ за да може да го поправи лошиот изборен резултат, но од партијата засега не ја коментираат таа опција.

„Свесни се дека, ако има нови избори, ќе поминат полошо отколку сега и затоа ќе одат порадикално, со потврда кампања со директно замешување во изборниот резултат на недемократски начин“

Сашо Орданоски, политички аналитичар

„Ако се заврти дискусијата на етнички теми и ако имаме нови избори, двете партии ќе ја отпочнат етничката спирала, обединувајќи се околу националните теми и во голема мера може да се поништи целиот труд што го вложуваше кревката либерална јавност“

Денко Малески, универзитетски професор 

Нови избори, за што деновиве се зборува во јавноста, нема да донесат ништо добро за Македонија, туку напротив тие може да ја отклонат земјава од патот на градење правна држава и граѓанско општество, велат аналитичарите. Лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за ТВ 21 вчера рече дека една од опциите се и нови избори.

– Зошто да не нови избори, ако нема подобро решение. Сметам дека ќе се оди на нови избори ако не се прифати платформата на албанските партии – рече Ахмети.

Ахмети во интервјуто зборуваше дека албанските гласачи направиле грешка што гласале за другите опции, од што се добива впечаток дека нови избори се потребни за да се поправи оваа грешка.

Пуста желба за „поправен“

Во јавноста веќе се појавија повеќе тези дека нови избори посакува и ВМРО-ДПМНЕ за да може да го поправи изборниот резултат, но од партијата не кажуваат дали размислуваат за ваква опција.

– Во моментов ВМРО-ДПМНЕ доби мандат за да направи влада и во наредните 20 дена ќе вложи максимални напори за да ја формира владата и да ја испочитува волјата на мнозинството граѓани што гласаа за програмата „Реално“ и нејзините проекти – вели Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Нови избори може да се случат доколку ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ не успеат да формираат влада, како и доколку претседателот Ѓорге Иванов не го даде мандатот на СДСМ ако ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира влада. Во такви услови актуелната влада треба да распише нови избори. Прашање е само дали воопшто е можно овие избори да ги распише Трајко Вељаноски кој претседаваше со конститутивната собраниска седница бидејќи не се избра нов претседател.

Аналитичарите се децидни дека новите избори нема да донесат ништо добро за земјава.

Според Сашо Орданоски, на новите избори ќе има некој процент повеќе за промени бидејќи резултатите од изборите што се организираа на 11 декември се освестувачки за некои граѓани.

Ќе поминат полошо од првиот пат

– Не пожелувам нови избори, но ако не може да се состави влада изборите се решение. Резултатите од тие избори очекувам да бидат во насока на промена, бидејќи многу луѓе се изненадени од успехот. Ахмети сака да завлекува, да мати вода, има интерес ништо да не изгледа како што треба, бидејќи тој и Груевски се главните противници на правната држава. Секакво блокирање на правната држава за нив е придобивка и имаат интерес оваа ситуација да трае подолго. Свесни се дека ако има нови избори, ќе поминат полошо отколку сега и затоа ќе одат порадикално со потврда кампања со директно замешување во изборниот резултат на недемократски начин – смета Орданоски.

Според аналитичарот Алајдин Демири, уште едни избори ќе бидат погубен момент за Македонија.

– Тие избори ништо не би промениле. ВМРО-ДПМНЕ би се зајакнала како националистичка партија, обвинувајќи ги Албанците за дестабилизација, а ДУИ би пропаднала како партија што ја изгубила ориентацијата и нема да знае како да делува. Ако ВМРО-ДПМНЕ победи повторно, нема да има со кого да коалицира зашто нејзиниот национализам станува штетен за Македонија – вели Демири.
Според него, можно решение за формирање влада е таа да биде експертска, бидејќи, како што вели, со партиите дефинитивно нема да оди.

Појавата на платформата, намерно или ненамерно, може да ја сврти целата дебата кон етничките теми и да ја отклони од она за што досега расправавме како да се направи држава во која ќе владее правото, како ќе се справиме со корумпирани политичари, што ќе биде исходот од работата на СЈО, вели Денко Малески.

Штетите од платформата

– На врвот од дискусијата за тоа како да ја демократизираме државата, ја добивме оваа платформа. Ако се заврти дискусијата на етнички теми и ако имаме нови избори, двете партии ќе ја отпочнат етничката спирала, обединувајќи се околу националните теми и во голема мера може да се поништи целиот труд што го вложуваше кревката либерална јавност. Голема е опасноста ако не се формира влада и се оди веднаш на уште едни избори – вели Малески.

Националистичкиот елемент, додава тој, беше под голем меѓународен притисок и партиите на последните избори беа доста воздржани, во споредба со претходни избори.

– Сега може да ги разјарат тие свои коњи и да почнат поинаку да галопираат што би било многу опасно за Македонија и би нѐ отклонило од овој пат по кој тргнавме. Може да се смета и на помал меѓународен притисок поради промената во САД и проблемите во ЕУ – објаснува професорот Малески.

Во моментов, порачува тој најдобро е да се изоди демократската процедура за формирање влада до крај за да видиме за што сме способни.

Мими Шушлеска

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY

9 − one =